Македонски концепт, предводена од Петар Богојески, им се заблагодари на граѓаните што гласале и ги повика да ја продолжат борбата за европската иднина на нашата Македонија. Но, борбата ќе биде долга, порачуваат:
„Македонија и граѓаните на Македонија сѐ уште треба да се изборат за нормалност во државата и за демократија, каде секој со секого ќе биде еднаков и ќе има еднаква можност да се докаже. Сѐ уште живееме во контролирана демократија и тоа го потврдуваат и резултатите од вчерашното гласање.
Мноштвото од нашите гласови се во неважечките ливчиња, благодарение на соработката на господин Зоран Заев и господин Христијан Мицкоски, да не дозволат по никоја цена факторизација на нормална политичка опција во земјата, без разлика на тоа кој од нив двајца ќе биде победник. За истото, од наша страна до ДИК е поднесен приговор бр. УП110-82 од 16.07.2020 година, со кој бараме увид во сите неважечки ливчиња, со цел да ја констатираме голата вистина за изборни манипулации на овие избори. Во очекување на одговор од ДИК, без голема надеж за праведна одлука од нивна страна, истакнуваме дека сме наполно свесни дека ние живееме во контролирана демократија, во која партиите одлучуваат кој ќе победи, а не ние граѓаните!“, велат од Македонски концепт.
Тие, воедно, испратија честитка до сите нови членови на Собранието и им порачаа да бидат вистински коректив на извршната власт.
Претходно, Солза Грчева од ГЛАС за Македонија обвини дека им се крадени гласови од поголемите партии, а Димитар Апасиев од Левица, пак, обвини дека им се украдени три пратенички места.