Конте останува менаџер на Јувентус

Антонио Конте ги разреши сите дилеми околу својата иднина потпишувајќи нов, тригодишен договор како менаџер на Јувентус.


Ваквиот развој на настаните е сосема логичен, ако се земе предвид фактот дека младиот стратег го предводеше Јуве до шампионската титула, и тоа без ниту еден претрпен пораз во текот на целата сезона. Челниците на клубот не ја криеја желбата дека сакаат да го задржат Конте на кормилото, а и самиот стручњак во изминатиот период напоменуваше дека приоритет му е да остане во клубот со којшто освои многу трофеи и како играч.

Поради идентичните ставови, двете страни многу брзо пронајдоа заеднички јазик и се договорија да потпишат договор со важност до јуни 2015 година, со можност за дополнително продолжување доколку и Конте и управата на Јувентус се задоволни од соработката.

„Моја единствена желба беше да останам тренер на Јувентус и да го продолжам проектот што така успешно го почнавме заеднички со управата на клубот. Немаше никакви пречки во преговорите, очигледно е дека сите се наоѓаме на иста бранова должина, а тоа е еден од основните предуслови за добри резултати“ – изјави Конте.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -