Коњите комуницираат со ушите

Британски научници открија дека коњите комуницираат меѓусебно со ушите, но исто така и со поглед, соопштува списанието „Сианс е авнир”.

Со ушите коњот им покажува на своите дека вниманието му било привлечено од даден предмет на кој што тие потоа за возврат пројавуваат интерес.

Научниците од Универзитетот во Сасекс во Брајтон го докажаа она што досега беше само претпоставка во светот на коњите – овие животни комуницираат меѓусебно преку ушите, пренесоа агенциите.

Во рамките на експериментот коњите требало да направат избор меѓу две кофи со храна, поставени од двете страни на слика на коњска глава во профил во природна големина.

Откако внимателно ја разгледале фотографијата, коњите во 75 отсто од случаите тргнале кон корпата на која биле насочени ушите на коњската глава од сликата. Кога ушите на коњската глава биле покриени со маска, изборот на коњите бил случаен – во половина од случаите тие тргнале кон левата кофа, а во останатите случаи – кон десната кофа.

Улога во таа комуникациска игра имал и погледот. Кога маската била поставена врз окото на коњската глава, коњите едвај во 58 отсто од случаите тргнувале кон кофата, кон која се биле насочени ушите. Оттука со погледот и ушите коњот им покажува наостанатите коњи дека вниманието му е привлечено од даден предмет, кон кој потоа тие исто така пројавуваат интерес.

- Реклама -