Вечерва во 21 часот, во црквата „Св. Софија“ во Охрид во склоп на Охридско Лето, концерт ќе одржат пијанистките Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска. На програмата за четирирачно пијано се дела од Едвард Григ, Волфганг Амадеус Моцарт и од Морис Равел.
Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Р.С. Македонија но и надвор од неа во: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Филхармонијата на Р:С. Македонија, а значајни се и концертите со Симфонискиот оркестар во Дубровник, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на „Охридско лето” соработувајќи со повеќе домашни и странски диригенти. Често настапува како камерен музичар и пијано соработник со истакнати инструменталисти. Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Р.С. Македонија. Во октомври 2021 година, на покана од Маестро Антони Вит и филхармонијата во Краков го изведе Пијано концертот бр.2 од Сергеј Рахмањинов како дел од концертната сезона 2021/22 на овој оркестар. Во Април 2016 година се закитува со престижната награда „Виртуози” за најдобар музички изведувач во 2015 година. Неколку години подоцна, во 2018 година ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања.
Славица Мицовска-Смилевска завршува основно и средно музичко училиште во МБУЦ „Илија Николовски -Луј”во Скопје, во класите на проф. Ј. Митревска и проф. М. Влаисављевиќ. Дипломира на одделот по пијано на Музичката академија во Софија, во класата на Проф. Жени Захариева, каде и магистрира во 2004 година. Во 2019 година ги завршува докторските студии на ФМУ под менторство на проф.Жени Захариева. Посетувала повеќе семинари кај истакнати професори и педагози. Учествувала на голем број натпревари на државно и меѓународно ниво, каде се стекнала со повеќе награди. Остварила концерти како солист, камерен изведувач и корепетитор во земјава, но во Бугарија, Грција, Србија. Австрија, Малезија, Франција. Соработувала со Младинскиот камерен оркестар од Скопје, Бугарскиот камерен оркестар Collegium Musicum Bankia под раководство на маестро Свилен Симеонов, Камерниот оркестар „Профундис„ под диригентство на маестра Ѓургица Дашиќ