ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и годинава ќе постави посебни контејнери за органски отпад (остатоци од животни) во сите скопски општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам. Во периодот од 30 јули до 1 август ќе бидат поставени 17 вакви контејнери со зафатнина од 5м³, информираше директорот на КХС – Абдусамед Шабани, на денешната прес-конференција.
„Во овој период кога сите заедно се бориме со пандемијата на вирусот Ковид 19, неконтролираното одлагање органски отпад може да доведе до низа штетни последици врз нашата животна околина и здравјето на граѓаните. Минатата година, ЈП Комунална хигиена-Скопје за прв пат постави специјални садови каде што верниците го исфрлаа својот органски отпад за време на празнувањето на празникот Курбан Бајрам и бевме многу задоволни од резултатите на оваа акција, што придонесе значително да се намали одлагањето органски отпад на јавни површини.
Од овие причини, одлучивме и годинава да поставиме 17 вакви садови на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај, за нашите екипи да бидат во можност навремено да го подигнат и да го транспортираат овој вид отпад и на тој начин да се избегне евентуалното ширење на заразни заболувања и непријатната миризба“ – рече Шабани.
На прес-конференцијата присуствуваше и скопскиот муфтија Кенан Исмаили, којшто упати апел до сите муслимански верници да не го исфрлаат својот органски отпад на јавни површини и на тој начин да придонесат за заштитата на своето и здравјето на своите најблиски.
Како што информираат од претпријатието, контејнерите ќе бидат поставени на следните локации:
1. Шуто Оризари – 3 Контејнери (Последна 19-ка, Маркет Харбин, до подвозникот)
2. Бутел – 2 Контејнера (Во близина на Џамијата Фетах Ефенди, Џамијата Бедр – Бутел 1)
3. Гази Баба – 2 Контејнера (Џамија Сингелиќ, Стадион Гази Баба)
4. Чаир – 4 Контејнери (поранешна лок. на ЈПХКС, во близина на ресторанот ФА-ФА, новата Џамија во Чаир, во близина на Теќето во Дуќанџик)
5. Сарај – 5 Контејнери (Стара општина Сарај, Медресе Иса Бег – Кондово, С. Свиларе до гробиштата, Долно Нерези)
6. Поранешно седиште на Скопско Муфтиство – Кале