Спроведување еко-предавања и работилници во основните и средните училишта, акција за генерално чистење на централното градско подрачје и активности за чистење на спомен-обележјата во Градскиот парк, се дел од активностите кои презеде ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во изминатиот период.
Директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева денеска на прес-конференцијата, преставувајќи ги реализираните активности, истакна дека во текот на изминатиот месец се извршени засилени контроли на територијата на Скопје, при што биле констатирани бројни прекршувања на Законот за јавна чистота преку одлагање отпад на јавни површини од страна на физички лица и правни субјекти.
Мазнева истакна дека е неопходно постоење на комунална полиција и дека до Градот Скопје ќе достават иницијатива за нејзино формирање.
„Апсолутно дека ќе се преземат и понатаму ќе преземаме мерки во овој дел. Го изразувам моето најдлабоко жалење што ние како ‘Комунална хигиена’ едноставно немаме можност да казнуваме. Во голем број земји во регионот, кои што се во нашето најблиско соседство, постои нешто што се нарекува комунална полиција и тоа е регулирано согласно закон. Ние со нашите служби во претпријатието постојано разговараме на оваа тема и ќе преземеме иницијатива која што ќе ја пратиме до Градот Скопје за да може да се стори нешто во овој дел, па и ние како останатите земји во регионот да имаме комунална полиција, најави Мазнева.
Таа нагласи дека граѓаните мора да бидат свесни дека несовесното постапување со отпадот резултира со создавање диви депонии, директно ја загадува животната околина и го загрозува јавното здравје.
„ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје нема ингеренции да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота. Но, она што е во наша надлежност е граѓаните да ги информираме и да ги едуцираме како правилно да постапуваат со својот отпад и на тој начин самите да придонесат за заштита на животната средина“, рече Мазнева.
Таа потенцира дека во изминатиот период екипите на „Комунална хигиена“ во координација со Градот Скопје и останатите јавни градски претпријатија, спровеле акција за генерално чистење на централното градско подрачје – плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“, кејот „13 Ноември“, улицата „Македонија“, како и пешачките и сообраќајните мостови, а во нејзините рамки е извршено и рачно и машинско метење и миење на јавните и сообраќајните површини.
Воедно, рече Мазнева, „Комунална хигиена“ спроведе активности за чистење на спомен-обележјата во Градскиот парк, а беше извршено рачно и машинско метење и миење на сите затворени и зонски паркиралишта, како и паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во парк-шумата Водно.
Таа информира дека претпријатието започна со еко-предавања и работилници во основните и средните училишта, како и во предучилишните установи, со цел подигнување на свеста за важноста од правилното постапување со отпадот кај нашите најмлади сограѓани.
Мазнева посочи дека „Комунална хигиена“ продолжува да им нуди можност на граѓаните, кои имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, без плаќање на никаков надоместок да го одложат во центрите за селекција во Карпош и Вардариште, секој ден во неделата од 09 до 19 часот. Воедно, на бесплатниот телефонски број 0800 222 33, граѓаните може и да ја нарачаат услугата за преземање и транспорт на кабаст отпад директно од нивните домови со специјалните возила на „Комунална хигиена“, што се наплатува согласно однапред утврден ценовник, објавен на веб-страницата на претпријатието.
Директорката Мазнева најави и дека во претстојниот период претпријатието ќе продолжи со стандардните активности за собирање и транспорт на комуналниот отпад во сите скопски општини, што се реализираат седум пати во неделата во три смени, како и со одржувањето на хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што се во надлежност на Градот Скопје. Исто така, таа најави и дека интензивно ќе се подготвуваат за активностите на Зимската служба, во координација со Градот Скопје и останатите јавни претпријатија.