Околу 100 милиони деца на првооделенска возраст немаат пристап до соодветно образование и One Laptop Per Child организацијата се обидува со нешто ново во две села во Етиопија.
Луѓето од програмата оставаиле лаптоп компјутери со неколку инсталирани програми за да видат што ќе се случи. Целта била да се види дали необразовани деца кои немаат претходно искуство со пишани зборови можат самите да научат како да читаат преку експериментирање со компјутерот и инсталираните образовни игри, книги, филмови, цртани и други програми.
Според Николас Негропонте, основачот на One Laptop Per Child првичните впечатоци се охрабрувачки. Компјутерите во програмата се Motorola Xoom таблети кои се користат заедно со систем за полнење со сончева енергија кои возрасните жители на селата знаат да го користат. Еднаш неделно техничар ги посетува селата за да ги замени мемориските картички.
По неколку месеци децата во двете села сè уште ги користеле и полнеле компјутерите и биле забележани како ја потпевнуваат азбуката а дури и пишувале зборови. Едно момче, кое играло образовна игра со фотографии од животни го научило зборот „лав“. Децата во овие две села претходно никогаш немале видено пишан материјал, дури ни пакување со зборови.
Организацијата ги оставила компјутерите годинава во запечатени кутии без никакви упатства. „Мислев дека децата ќе си играат со кутиите. Но едно од децата не само што успеало да ја отвори кутијата туку за само четири минути го најде копчето за вклучување и почна да си игра со компјутерот. За пет дена децата користеа во просек по 47 апликации дневно. За две недели тие ја знаеја азбуката а за пет месеци го имаа хакирано Android“ изјавил Негропонте.
„Некој идиот во нашата организација или во Media Lab ја имаше онеспособено камерата, децата открија како да ја вклучат.“ Ед Мекниерни, главниот технолошки офицер на OLPC вели дека децата го надминале обидот на организацијата да ги блокира десктоп подесувањата. „Децата комплетно го изменија десктопот – лаптопот на секое дете изгледаше различно. И покрај софтверот кој требаше да го спречи тоа.“