National Audio Company (NAC) е „последниот Мохиканец“ во производството на аудио касети во Америка. Ај тоа, ама тврдат дека оваа бизнис-година им била најдобра во историјата на постоењето, чии почетоци датираат уште од 1969-тата година. Очигледно, касетите денес имаат висока „носталгичарска“ вредност, а тоа е веројатно и главната причина зошто се продаваат како алва. NAC е компанија што тоа дефинитивно го заслужува, во што ќе се уверите откако ќе ја слушнете нивната приказна.
„Нашиот бизнис модел е тврдоглавост и глупавост. Бевме премногу тврдоглави за да се откажеме“, вели претседателот на NAC – Стив Сеп. Според него, нивниот успех најмногу се должи на ретро-движењето и носталгијата кон тоа да држите аудио-касета во раката.
Сепак, стратегијата што ја доведе компанијата до она што е денес, не е така бесмислена како што Сеп скромно сака да ја претстави. Во доцните 90-ти, кога речиси сите останати производители се префрлиле во бизнисот со компакт дискови, NAC продолжиле да произведуваат (празни) аудио-касети за нараторите и оние што се бават со изговорениот збор. Не само тоа, токму во тие клучни моменти компанијата ја купува безмалку сета опрема од конкурентите. Што ќе рече Сеп, тој отсекогаш знаел и очекувал дека касетите ќе се вратат „во мода“, а фокусот на компанијата бил да се подготви за денот кога ќе го преземе пазарот на свој грб.
Токму тоа се случува денес, а меѓу купувачите има купишта музичари кои сеуште ја негуваат љубовта кон старото добро парче пластика. Не многу одамна, независните бендови пројавија желба повторно да уживаат во топлината на аналогниот звук, а оттогаш трендот континуирано расте. Денес, дури 70% од продажбата на компанијата се должи на музички аудио-касети, а NAC има потпишано договори со некои од гигантите меѓу издавачките куќи, како Sony Music Entertainment и Universal Music Group, но и помали договори со многу инди-бендови. На нивните касети ќе ги најдете дури и популарните Металика. Останатите 30% од продажбата ја сочинуваат празните касети.