Компанија за чај си стави „blockchain“ во името и поскапе за 300%

Еден од најголемите моменти во 2017-та, како што сите видовме, беше експлозијата на цената на Биткоин. Луѓето лесно се палат на идејата дека можат да направат многу пари од ништо, па не е изненадување што луѓе кои до пред некоја година (па и до пред неколку месеци) не знаеја ништо за криптовалути, одеднаш се желни да инвестираат во нив. Се изначитавме и примери на корисници кои наводно земаат кредити или си ги ставаат куќите под хипотека за да го можат да си го дозволат тоа, иако многу од нив баш и не знаат да објаснат како работи blockchain технологијата.

Фамата во комбинација со недоволно познавање на нештата е уште една причина за неискусните инвеститори да влетаат практично во сè што го содржи зборот „Bitcoin“ или „blockhain“ (што е уште една причина што некои инвеститори сметаат дека Биткоин е меур што наскоро ќе пукне). Тоа барем делумно објаснува зошто една компанија за пијалоци во моментов бележи скок на вредноста на своите акции од 300 проценти, откако го сменија името од Long Island Iced Tea Corp. во Long Blockchain Corp.

Според Bloomberg, се работи за само уште една од неколкуте компании кои се ребрендираат за да се опарат од крипто-треската. Не дека тоа ќе значи долготрајна добивка за компанијата во случајов, која буквално продава и лимонада, ама може да значи нејзина преродба – бидејќи баш и не ѝ одеше сјајно пред криптозлатната треска.

Прочитајте и:  Крипто-манија на славните – инвестираат милиони во криптовалути

Меѓу компаниите што се „криптопрекрстија“ има и производители на сок, спортски градници и мебел. Тоа засега не им носи некакви значајни договори со други криптокомпании на пазарот, ама па и да те чуе цел свет и не е мала работа.

- Реклама -