Комисијата одобри Тодор Петров да собира потписи за нов референдум против „Северна“

Собраниската Комисија за политички систем ја прифати иницијативата на Тодор Петров за собирање потписи за распишување на нов референдум за името со прашањето „Дали сте за Република Северна Македонија?“.

За прифаќање на иницијативата гласаа 8 членови на собраниската Комисија, а 1 беше воздржан. Сега на Петров му преостанува да добие позитивно мислење и од претседателот на Собранието – Талат Џафери, дека иницијативата е уредна, а откако Џафери ќе ја извести ДИК, подносителот ќе добие рок од три месеци за собирање на потребните 150.000 потписи од граѓани.

Образложението на иницијативата Петров го темели на тоа што „со измената на Уставот со амандманот 33 направен е обид за промена на името, согласно со спогодбата Димитров-Коѕиас, која де јуре не постои“, т.е. не постои како правен документ. Тој се повикува и на заклучокот на Државната изборна комисија за референдумот од 30 септември, која поради немање цензус го прогласи референдумот за неуспешен, т.е. констатираше дека не е донесена одлука.

Петров очекува дека собирањето на потписи ќе почне од 15 февруари.

Петров собираше 150.000 потписи и во 2004-та, кога по негова иницијатива беше одржан референдум против територијалната поделба за нови локални управи. Референдумот беше неуспешен поради немање цензус.

 

- Реклама -