Комисија формирана со одлука на министерот за образование и наука ќе ја преиспитува содржината на учебникот по Историја за седмо одделение, откако министерството примило повеќе претставки дека одредени податоци и информации кои се објавени во учебникот не соодветствуваат со научната реалност, велат оттаму.
Во законски утврден рок од 10 дена, Комисијата има обврска до министерот Јетон Шаќири да достави предлог за повлекување на учебникот, доколку членовите констатираат дека претставките се основани.
„Во зависност од обемноста на материјата која треба да се преработи, ќе биде донесена одлука за корекција на постојниот или за израбока на целосно нов учебник по соодветниот предмет“, соопшти МОН, но не прецизира на што конкретно се однесуваат претставките за учебникот.
Од МОН додаваат дека заедно со други надлежни институции „ќе продолжат да работат на подобрување на содржината на учебниците кои се користат во основното и средното образование“ и дека во тој процес ја вклучува и јавноста со тоа што граѓаните може да доставуваат коментари, сугестии и забелешки за учебниците на електронската адреса: book@mon.gov.mk.