Пишува Венко Андоновски за „Нова Македонија“
Има многу анегдоти за покојниот книжевен гениј Петре М. Андреевски. Една од нив говори за неговиот прием во Комунистичката партија. Имено, Петре требало, поради своите способности, да дојде на местото уредник во тогашната телевизија, ама постоел услов за тоа унапредување: да биде, се разбира, член на партијата. Значи, не е од вчера тоа со партиската припадност и вработувањето; разликата е во тоа што тогаш не се вработуваше, туку се (у)напредуваше по партиски клуч. Имаше само една партија, која преку етикетата „морално политички подобен“ решаваше кој ќе дојде на повисоки места. Ние го заостривме партискиот критериум: тој важи и за прво вработување на портир. Како и да е, Петре, кој дотогаш не сакал да биде член, поттикнат од неговиот тогашен генерален директор, негов колега по перо, Матеја Матевски, седнал и почнал да го пополнува формуларот. Го убедиле некако да не се противи. А сигурно му требале и пари, повисока плата. Го пополнил делот со генералии: име, презиме, место на раѓање, професионална биографија, а кога дошол до последната графа, на која стоело прашањето „Зошто ДОСЕГА не сте станале член на КПМ?“, Петре добил инспирација, па се распишал. Навел еден подолг список причини, отворено кажувајќи што сè му лежи на душа и што го оддалечувало од другарите во партијата. Напишал: затоа што крадете, лажете, затоа што се откажавте од Егејска Македонија, затоа што праќавте луѓе на Голи Оток… По петнаесет минути, формуларот бил на масата на директорот Матевски, кој решил да го провери пред да го даде во партијата. Откако го прочитал формуларот, го повикал Петрета и со коса крената од ужас, му рекол: „Добро бре, Петре, ти пишуваш молба да те примат, или да те исклучат од партијата?“ Па, потоа го седнал, му дал нов формулар и му рекол во графата со спорното прашање да напише само: „Поради моја лична незаинтересираност и неодговорност“. И така, Петре станал морално политички подобен, станал член на партијата и добил уредничко место со повисока плата. И најважно: анегдотата се проширила и до највисоките врвови на КПМ, каде што челниците се смееле; НО НИКОЈ не му наштетил на Петрета поради тоа… Колумната продолжува ТУКА.