Колонија на Марс на дофат

МарсМисија на Марс би можела да изгледа како далечен сон за финансиски ограничената NASA, но контроверзен научник вели дека сме на праг на откритие кое ќе ни овозможи да ја населиме црвената планета. Американскиот научник Крег Вентер ја изненадил научната заедница минатата година кога открил дека го создал првиот синтетички организам во светот.

Сега неговиот тим работи на модификување на клетките за истите да растат хранејќи се на јаглерод диоксид – тој мисли дека вакви организми би можеле да бидат употребени за поставување база на Марс. Модификуваните организми ќе имаат големи импликации за Земјата, каде што потенцијално би можеле да ги запрат климатските промени и да помогнат со прехранување на населението кое наскоро ќе премине 7 милијарди.

„Очигледно, производството на храна и гориво се на врвот на нашата листа и на листата на општеството“ изјавил доктор Вентер. Тој додал дека технологијата исто така би можела да биде употребена и за изградба на нова цивилизација на Марс, бидејќи нејзината ретка атмосфера е составена од 95 проценти јаглерод диоксид. „Ваквиот тип на процеси ќе ни овозможи да направиме речиси сè што ќе ни биде потребно таму од јаглеродниот диоксид во атмосферата.“

Биологот го создал организмот со синтетизирање на ДНК код и негово вметнување во една клетка од бактерија. Таа клетка потоа растела и се делела, создавајќи досега невиден организам кој го добил прекарот „Синтија“. И додека некои го фалеа истражувањето како „дефинирачки момент во историјата на биологијата“, други го напаѓаа велејќи дека е „истрел во мрак“ со „досега невидени ризици“.

Но доктор Вентер не се откажува, тој вели дека неговиот тим работи на генетски модификувани синтетички клетки кои ќе користат јаглероден диоксид за производство на храна, гориво и пластика. Ова би можело да води кон бактериски „фабрики“ кои ќе произведуваат вештачки организми дизајнирани за специфични задачи. Компанијата на доктор Вентер, Synthetic Genomics, во моментов се обидува да развие синтетички алги во соработка со ExxonMobil за производство на евтино и ефикасно биогориво. [Life on Mars closer than ever: Craig Venter creates artificial life form]

- Реклама -