Колку реално треба цивилите да се плашат од тероризам?

isis[1]

Во колумната насловена „Колку би требало да се плашам?“, новинарот на VICE – Мајк Перл напиша:

„Во вакви времиња, моето несвесно преовладува. Се чувствувам многу подобро кога вестите за смртта и хаосот се заменети со луѓе кои говорат за освета. На пример, по 11 септември, имав чувство дека носам тренерка со тешко наоружаните ликови од филмот „Вод“, на која пишува „Најди и уништи“, под што имав нашкрабано „Осама Бин Ладен“. Сега ми е срам, но кога имав 17 години, помислата на освета правеше сé помалку да се плашам“.

Но, тинејџерите и обичните граѓани не би требало премногу да се грижат за тероризмот, барем според воениот аналитичар и автор Брајан Мајкл Џенкинс. Џенкинс е виш советник и специјалист по тероризам за корпорацијата RAND – неутрална аналитичарска агенција со седиште во Калифорнија. Во една прилика му соопштил на Перл дека треба да остави на војската и советниците да се грижат за тоа како ќе го решат проблемот со терористите: „Тоа е наша работа. Тоа е работа на владата. Ваша работа е да не се грижите премногу“. Слични ставови има и републиканскиот претседателски кандидат – Тед Круз, кој уште одамна јасно изјави дека сака да ги прочисти терористите во стил на Терминатор.

Сé е тоа супер, но тешко е кога си цивил да не се плашиш макар ни малку од светот полн со тероризам. Политичките истражувања на таа тема обично имаат вознемирувачки наслови како „Намалување на ризиците од тероризам во трговските центри: анализа на потенцијални безбедносни опции“.

„Фокусот е на тоа како да ја унапредиме безбедноста и да направиме одредени нешта за да предупредиме на напад. Владата е таа што треба да биде загрижена околу нападите во рамките на нејзината јурисдикција, а во случајот на Одделот за безбедност на татковината, тоа е тлото на САД“, вели Џенкинс.

Сепак, тоа не е правиот начин на кој треба да се зборува со поединци кои се на раб на паника, како што е Перл, кој страда од генерализирано анксиозно пореметување. Во основа, советот на Џенкинс до цивилите е „Вдиши длабоко“. Но, тоа не е лесно со оглед што по секој напад следува општа параноја.

„Луѓето ќе гледаат сомнителни направи насекаде, затоа што се полни со сомнеж“, додава Џенкинс. Севкупното ниво на страв ќе биде влошено заради поголемиот број на малициозни дезинформации и можните закани со бомби, со поголемата ригорозност на обезбедување на аеродромите и поголемо присуство на полицијата во јавниот сообраќај, објаснува тој. „Тоа се превентивни мерки. Тоа не значи дека некој знае некаква тајна информација која ти не ја знаеш“.

Затоа, Перл решава да го квантифицира стравот во светот во кој живее. Тој го поставува прашањето: Колку е веројатно да ме разнесе некој терорист додека чекам да купам карти за кино?

Според Новата американска фондација, од 11 септември, како последица на тероризам настрадале 103 Американци. Во текот на истиот тој период, од 2000-та до 2010-та, отприлика 108 Американци настрадале од тоа што им паднал телевизор на глава, ова според Комисијата за безбедност на производи. Од друга страна, 72-та смртни случаи само во текот на 2016 се последица на користење на оружје дома. Во последните 15 години, многу повеќе Американци настрадале од истото, отколку од тероризам и масовни пукања.

„Зборуваме за нешто за што веројатноста е слична со онаа да добиеш седмица на лото“, вели Џенкинс. „Јас купувам лото тикети и замислува што би правел со сите тие пари, ама не ја планирам својата финансиска иднина под претпоставка дека ќе добијам на лото“.

Сепак, постои еден аспект од тероризмот заради кој вреди да се плашиме, макар што не се работи за телесни повреди.

Според Фариса Туми, програмски шеф задолжен за трауматски стрес на Американскиот национален институт за ментално здравје, „анксиозноста и депресијата предизвикани од тероризмот можат да загрозат – барем потенцијално – голем број луѓе одеднаш и значително да ги зголемат предизвиците за здравствениот систем“.

Другиот реален страв е што политичката иднина е неизвесна, а тероризмот ја прави уште пострашна. На пример, ако се плашите од Исламска држава, вашиот свет нема да биде спасен од тоа што ќе ја истерате ИСИС од регионот кој го контролира. Дури и при евентуална успешна воена операција, „борците на ИСИС би ги избричиле брадите, би отишле во илегала и би останале во Ирак да ја продолжат својата борба“, вели Џенкинс.

Најголемата опасност е во тоа што тероризмот навистина успева, во смисла да предизвика страв и вознемиреност. Тоа е суштината на тероризмот. Стравот како страв е најстрашното нешто во врска со тероризмот. „Стравот нé наведува да правиме нешта кои би биле контрапродуктивни и штетни по демократијата. Тоа е опасноста“, додава експертот.

И така, кога властите и силите на законот откриваат терористички завери, цивилите добиваат пријатно чувство дека власта на сите страни фаќа терористи пред и да можат да предизвикаат штета. Но, во таа ситуација постои страшен подтекст: загрозување на човековите права. Според извештајот на Human Rights Watch од 2014, откриени се докази за кршење на правата кај 30 проценти од случаите на апсење заради тероризам.

Сепак, треба да се негува она американското „ако видиш нешто, речи нешто“. Во еден таков добар пример кога паранојата е корисна, пред четири месеци анонимна дојава спречи човек во Ричмонд кој беше обвинет дека се наоружува со бомби. Според полицијата, несудениот терорист – Ричард Сили, имал намера да разнесува муслимани во воздух.

Сé на сé, конечната пресуда на Мајк Перл за тоа колку би требало да се плашиме од тероризмот е 2 од 5, со нормална доза на внимателност.

Се разбира, сето ова се однесува на ситуацијата во САД, но ако подобро се погледне, реалноста е слична насекаде (добро де, со исклучоци) и нема потреба од параноја. Затоа, ако има некој исплашен – нека вдиши длабоко.

- Реклама -