Минатата седмица, коалицијата под водство на САД го славеше убиството на Абу Салах – човекот задолжен за управување со финансиите на ИСИС. Во меѓувреме, „Фајненшл Тајмс“ ги објави деталите од истрагата за економската ситуација во Исламска држава, кои пак покажуваат дека без копнен напад ќе биде невозможно да се запре финансирањето на операциите на џихадистите и исплатата на плати за нивните 30.000 екстремисти.
Еден разузнавач на коалицијата изјави дека ИСИС поседува доволно резерви и приходи за да продолжи со воените операции со исто темпо во наредните три години. Од друга страна, кога коалицијата тргна во напад, во октомври 2014-та година, се предвидуваше дека Исламска држава ќе остане на финансиска нула за само 12 месеци.
Врз основа на документите и интервјуата со десетина бивши команданти на ИСИС, како и ирачки и сириски официјални лица на нивната територија, Фајненшл Тајмс состави проценка на економската ситуација во тн. Исламска држава.
Во последните година дена, исламистите имаа големи заработки од грабежи и заплени и од оданочување на нафтата, што претставува нивен главен извор на финансирање – покажува истрагата.
ИСИС заработува речиси 900 милиони долари годишно, со тоа што две-третини од парите одат на војската. На нивната главна воена сила – странските регрути, одат годишно помеѓу 200 и 250 милиони долари.
Секој месец, главните борци добиваат по 20 милиони долари, додека локалните добиваат помеѓу 15 и 20 милиони.
Десетици милиони долари се трошат на мала муниција и експлозиви. За една седмица обично се трошат (во облик на муниција) околу милион долари, со тоа што уште неколку милиони долари одат на другите воени потребштини. Од друга страна, со нафта се снабдуваат бесплатно.
Странците во борбените редови заработуваат до 150 долари месечно, со тоа што добиваат разноразни додатоци – од 200 долари како емиграциски бонус, па до поголеми парични суми за воен плен и жени и робинки. Во просек, платата достигнува околу 800 долари.
Групата има строго централизиран буџет, управуван од Мосул, и уште десетина регионални буџети со свои посебни управници. Не постои електронски систем, па одговорноста е многу нерамномерно распоредена.
Поранешните милитанти тврдат дека се случувало платите да ги чекаат и со месеци, со тоа што некои од нив никогаш не ги примиле останатите надоместоци.
„Иако однадвор делува како сé да е испланирано и контролирано, факт е дека не постои некој поголем план. Тоа не е држава, тоа е смејурија“, заклучува еден сириски побунет командант кој поминал година дена борејќи се со џихадистите.