Колку пластика троши Coca-Cola годишно?

За првпат во историјата компанијата „Coca-Cola“ објави колку пластика троши годишно. Три милиони тони пластична амбалажа годишно – соопшти компанијата согласно кампањата на фондацијата „Елен Мекартур“, во рамки на која компанијата се обврза да ги објавува ваквите информации. Крајната цел на фондацијата, пак, е да ги поттикне компаниите и владите да работат на намалување на загадувањето со пластика. Coca-Cola е една од 150-те компании кои се приклучија и се обврзаа да ја намалат потрошувачката на пластика.

Тешко е да се замислат 3 милиони тони пластика, колку што троши Coca-Cola годишно. Меѓутоа, полесно е да се замисли син кит. Е сега замислете 15.000 сини китови – е толку отприлика троши Coca-Cola.

Coca-Cola произведува и продава околу 500 брендови газирани пијалоци, сокови и води. Минатата година вети дека за секое продадено пластично шише или лименка, ќе се рециклира една искористена, како и дека ќе овозможи целата амбалажа, ширум светот, да биде погодна за рециклирање.

Покрај Coca-Cola, во кампањата се приклучија и други компании. Во извештајот на Фондацијата, 31 компанија откриваат колку пластична амбалажа произведуват и трошат во една година. Nestle, на пример, троши 1.7 милиони тони, Colgate – 287.008 тони во 2018-та, Unilever (британски произведувач на храна и разни потрошувачки производи) – 610.000 тони, Burberry (британски луксузен бренд) – 200 тона, итн.

Во февруари, Nestle ги исфрли од употреба пластичните сламки и ги замени со хартиени.

Burberry во 2018-та беше остро критикуван откако објави дека уништил непродадена облека, прибор и парфеми, во вкупна вредност од 28.6 милиони фунти, за да го заштити брендот. На таквата пракса, наводно, ѝ е ставен крај.

Од друга страна, дел од големите компании продолжуваат да кријат колку пластика трошат, вклучувајќи ги Pepsi, Loreal, H&M и други.

BBC

 

 

 

- Реклама -