Среќата со пари не се купува, ама изгледа може одвреме навреме да се изрента. Сите понови истражувања покажуваат дека парите имаат големо влијание врз среќата на еден поединец, што искрено, и ние и вие веќе одамна го знаевме.
Но, колку пари го прават човек среќен? Се разбира, одговорот на тоа прашање зависи пред сé од тоа каде тој човек живее. Што ќе рече Дејв Шапел, не е страшно да пораснеш сиромашен во Бруклин, кога сите околу тебе се сиромашни. Пробај да пораснеш сиромашен во добро соседство, каде сите други се богати.
Како и да е, иако на телевизија одамна нé убедуваат дека нема горна граница за тоа колку пари ни се потребни да бидеме среќни, вели Ендрју Џеб – предводник на најновото истражување, сепак ова истражување покажува дека одредени граници постојат.
Џеб и неговите колеги користеле податоци од големите анкети спроведени од Galup, а во кои учествувале повеќе од 1.7 милиони луѓе постари од 15 години, од 164 држави од светот. Испитаниците одговарале на прашања во врска со задоволството од своите животи и благосостојба, како и околу нивната куповна моќ.
Додека емотивната благосостојба се однесува на дневното чувствување на среќа, возбуда, тага или бес, севкупното задоволство од животот во голема мера е под влијание на поставените високи цели и споредување на својот имот со она што го имаат другите (ете го муабетот на Шапел).
Истражувачите откриле дека, во просек, идеалниот годишен приход за емотивна благосостојба изнесува меѓу 60 и 75 илјади долари годишно, додека за севкупно задоволство во животот – 95.000 долари годишно.
Повторно, тоа најмногу зависи од тоа каде поединецот живее. Имајќи го тоа во предвид, најмногу пари за среќа им требаат на Австралија и Нов Зеланд – по 125.000 долари годишно. Најскромни се Јужноамериканците и жителите на Кариби. Во Северна Америка за среќа во просек им се потребни по 105.000 долари годишно.
А Балканец? Колку му требаат за да биде среќен?
Кога се зборува за Европа, разликата меѓу Западот и Истокот е огромна. Во западна Европа и Скандинавија, за среќа во просек им требаат по 100.000 долари годишно.
Што се однесува до источна Европа и Балканот, за среќа ни требаат по само 45.000 долари годишно.
* * *
Освен тоа дека износиве зависат од стандардот на секоја поединечна земја, не треба да заборавите и дека ова се износи кои се однесуваат на поединец. За среќа на цело семејство потребни се многу повеќе пари.
Сепак, штом поединецот еднаш стигне до точката кога има доволно пари да биде среќен, дополнителното зголемување на приходите всушност резултираат со намалување на задоволството од животот, се наведува во студијата објавена во магазинот Nature.