Во однесувањето на луѓето постои нешто што се нарекува самосинхронизација (алт. автосинхронизација). На кратко: ако 5% од една одредена заедница истовремено вршат одредена активност, останатите, дури и да се мнозинство, почнуваат да го прават истото. Тоа е теорија што може уште да се нарече и „Општа теорија на управување“, а кога тие 5% прават глупости во суштина станува и „менталитет на стадото“.
Докази дека ова не е само теорија гледаме секојдневно. Да речеме, стадо коњи кротко пасат на некоја ливада и одеднаш нешто преплашува 5% од нив. Тие се впуштаат во бегство, а по нив тргнуваат и останатите. Ова не е баш најадекватен пример, бидејќи стравот и инстинктот за преживување тука имаат голема улога, ама сликовито го доловува „правилото на 5-те проценти“.
Истата карактеристика се манифестира и кај луѓето. Неодамна, англиски научници направија интересен експеримент: собраа волонтери во пространа сала и ги поканија да се движат низ истата слободно, по желба. Арно ама, на 5% од нив сепак им биле дадени специфични инструкции за тоа како точно да се движат и кога. Не требало да помине долго време пред сите останати да почнат да ги следат и да го копираат движењето на групата што реално била малцинство. Со ова, и експериментално е докажано дека кога 5% од луѓето се насочуваат некаде или кон нешто со одредена цел, тие можат да го поттикнат целото множество да го следи нивното постапување.
Патем, секој може на своја рака да направи таков експеримент. Доволно е да отидете на концерт/театар/кино со неколку пријатели и да започнете да аплаудирате заедно во одреден момент што баш и не е најсоодветен (немојте, глупо е) – одма или веднаш, целата сала ќе ви се приклучи.
Неколку корисни практични заклучоци од експериментот: оптималнита бројка за градење на погодна група во која важи ова правило е 20 лица. 5% од 20 е 1 – овој еден е лидерот. Зголемување на бројот на луѓето во групата автоматски го зголемува ризикот од помал ефект на теоријата на управување. На пример, ако во една студентска публика има 30-40 лица, за еден професор ќе биде исклучително тешко да го постави тонот на лекцијата и константно да го задржува вниманието на студентите (затоа, меѓу другото, има професори, и добри професори).
Се разбира, законот на 5-те проценти не смее да се апсолутизира. Процесот на самосинхронизација е многу веројатен само тогаш кога луѓето се во состојба на неосознаеност на своите активности, цели и причини. Не дека тоа не е честа појава, напротив, дури и многу често се злоупотребува во име на нечии конкретни цели. На пример, 5% провокатори се доволни да претворат мирен митинг во масовни немири. Други примери колку сакате…