Како да не е доволно чудо што најстарото дрво во Европа е сé уште живо, новите истражувања, објавени минатата недела во „Ecology“, покажуваат и дека дрвото во последниве децении сé уште расте, пренесува „National Geographic”.
Меѓу главните заклучоци од истражувањето е тој дека одредени стебла можат да преживеат со векови дури и во услови на екстремна промена на климата. Во конкретниов случај, се работи за древен бор, кој растел и во текот на студениот Среден век, а продолжил да расте и при многу потопли температури, вклучувајќи ги и сушните.
Maxime Cailleret, од Швајцарскиот сојузен институт за истражување на шуми, вели дека анализата на тоа како се одвивал растот на најстариот бор во Европа низ периодите на драстични промени на климатските услови, ќе им помогне на научниците подобро да разберат како шумите можат да одговорат на модерните (тековните) климатски промени.
„Со проучување на вековните стебла ќе можеме подобро да го предвидиме идното влијание на климатските промени врз шумските екосистеми“, вели таа.
Конкретниот древен бор, најстарото дрво во Европа, не случајно го носи таквиот епитет – се покажало дека е стар 1.230 години! Од друга страна, утврдувањето на староста на стеблото воопшто не било лесно. Научниците не можеле да се потпрат на вообичаеното броење годови, бидејќи недостигал средишниот дел од стеблото, кој го содржел и најстариот прстен.