Не секој ден просечниот интернет корисник има шанса да му постави било какви прашања на 14-тиот најбогат човек во светот. Вчера, корисниците на Фејсбук добија токму ваква можност.
Основачот на најголемата социјална мрежа – Марк Цукерберг одговараше на прашања поставени од своите близу 32 милиони обожаватели, повикувајќи ги да го прашаат сé што ќе им текне. Во рок од еден час, тој одговори на над 15, кои се движат од тоа како поминува еден негов работен ден, па до големите планови што ги има за иднината на компанијата, но и за Internet.org.
На прашањето колку часа работи дневно, Цукерберг рече дека обично во канцеларија поминува не повеќе од 50-60 часа неделно. Но, од друга страна, многу размислува во однос на тоа „како да го поврзе светот и подобро да му служи на општеството“, и кога е на работа, но и вон неа.
Не, Фејсбук не ја затапува способноста на луѓето да комуницираат директно очи во очи
„Алатките како Фејсбук им помагаат на на луѓето да комуницираат со луѓе кои не се директно до нив”, вели тој. “На пример, јас можам да одржувам контакт со членовите од моето семејство кои патуваат или со пријателите кои живеат во други земји. Одлично е што ја имам таа можност, бидејќи во спротивно нема да бидам во состојба да ја одржам врската со тие луѓе“.
Амбициозни планови за проектот Internet.org
Две третини од светот нема интернет врска, а Фејсбук сака да го промени тоа. Запрашан дали Facebook има планови да го прошири проектот Internet.org во Европа, Цукерберг вели дека приоритет на компанијата се земјите со најмногу жители, кои не се поврзани на интернет.
Инаку, тој претходно неколку пати напомена дека не очекува обезбедувањето на интернет конекција во сите делови во светот да му донесе профит, барем не во блиска иднина.
Што значи да ја одржуваш најголемата социјална мрежа во светот?
„Дали некогаш сте размислувале околу тоа дека Фејсбук се справува со 1.4 милијарди посетители од целиот свет, секој месец? Потребни се многу терабити пропусна моќ и стотици илјади сервери!” објаснува Цукерберг.
Лудите технологии на кои работи Фејсбук
Минаа 14 месеци откако компанијата потроши 2 милијарди долари на компанијата која развива виртуелна реалност – Oculus VR, која според Цукерберг ќе создаде “прилично луда” дигитална иднина за нас.
“Нашата мисија е да им дадеме моќ на луѓето да го доживеат секое едно нешто. Дури и ако немаш можност да патуваш или да бидеш со некого лично, или дури и ако нешто е физички невозможно да се направи во нашиот аналоген свет, целта е да се помогне во создавањето на средство кое ќе ти даде способност да ги правиш сите оние нешта, кои инаку не би можел да го правиш.“
…Како тоа?
“Исто како што денес снимаме слики и видеа и потоа ги споделуваме на Интернет за да ги видат другите, во иднина ќе можеме да „уловиме“ целосни 3D сцени и да создадеме нова средина, која ќе можеме да ја споделиме со луѓето”, пишува Цукерберг.
Facebook денес, Facebank утре?
Минатиот месец Facebook предложи нова функција во својата апликација Messenger, дозволувајќи им на пријателите меѓусебно да си испраќаат пари. Цукерберг ги најави плановите на компанијата според кои „наскоро, ќе ја направи оваа функција достапна за најголем дел од луѓето”, додавајќи дека “е многу возбуден околу нејзиното проширување во иднина.”
За време на сесијата прашања и одговори имало и такви што побарале од Цукерберг да ги вработи. Се разбира, тој им одговорил со линк до слободните работни места во компанијата.