Колкава казна им се заканува на осомничените во „Рекет“

Казна затвор од една до пет години им се заканува на осомничените во случајот „Рекет“, ако ним им се суди само за делото „трговија со влијание“. Тоа е едно од кривичните дела кое беше споменато од Јавното обвинителство кога беше обелоденет случајот и во притвор завршија Бојан Јовановски, Боки 13 и Зоран Милески, Кичеец, кои се засега единствени осомничени во овој случај. Делото трговија со влијание во Македонија не е многу познато и тоа од неодмна е вметнато во Кривичниот законик. Познавачите со кои разговаравме велат дека имало и други слични дела ама не биле процесуирани. Казната која е пропишана е максимални пет години, а во законот е уредена во два посебни члена.

Едниот во кој се регулира „Давање награда за противзаконито влијание“ гласи:

„Лице кое на друг директно или индиректно ќе му даде награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист, за него или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши определено службено дејствие што би морало да се изврши, или да не изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши,“ за што ќе се казни со затвор од една до три години, стои во законот.

Од една до пет години ќе се казни лицето, пак кое наградата, подарокот или другата корист, ветувањето или понудата за таква корист, директно или индиректно, ќе ги даде на друг кој има вијание да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши. Ако делото е поврзано со водење кривична постапка против определено лице, е предвидена казна затвор од три до пет години.

Има член и за лицата кои ја примаат наградата, а казната се движи повторно од една до пет години.

Професор Стефан Буџаковски од ФОН, за Фактор вели дека ова е еден од ретките вакви случаи кои биле процесуирани. Претпоставува дека во земјава имало и други, но не биле процесуирани. Сепак се согласува дека станува збор за дело кое е малку познато во јавноста и во законикот е вметаното од неодамна.

Експертската јавност вели дека станува збор за корупција која може да е и широко распространета во земјава, со што сериозно се поткопува владеењето на правото и човековите права.

Се тврди дека влијанието, често тешко се докажува.

Инаку во последниот случај „Рекет“ кој ја здрма македонската јавност, обвинителката Вилма Русковска од Обвинителството за организиран криминал и корупција, тврдеше дека има и аудио и видео снимки кои докажуваат дека осомничените зборуваат со јавен обвинител и договараат да се изврши делото.

Засега нема осомничен јавен обвинител, иако во текот на истрагата беше одземен мобилен телефон на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а од неодамна беше најден и друг нејзин телефон за кој претходно се тврдеше дека е изгубен. Таа демантираше дека ја злоупотребила својата позиција.

- Реклама -