Кокино – бисер во североисточниот дел на Македонија

Кокино е мегалитска опсерваторија која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на околу 50 километри воздушна линија од Скопје, односно 35 km оддалеченост од Куманово. Таа е поставена на врвот „Татиќев камен“, а името го добила по најблиското село Кокино.

Опсерваторијата случајно е откриена во 2001 год. од страна на бугарски и македонски археолози, а во 2002 год. се започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово,. Таа е датирана во 1800 год. п.н.е., односно раното бронзено време.

kultura-kokino
Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.

Kokino3

Камените маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември – изгрева точно на Исток и заоѓа точно на Запад. Потоа постепено има отклонување до 45 степени.
Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.

2007,06,23 Kokino znak

Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на стените се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето.
Во поширокиот регион регистрирани се голем број на археолошки наоѓалишта од неолитскиот до средновековниот период. Тоа значи дека целиот регион има историја во должина од најмалку 6 000 години преполна со значајни населби, светилишта, настани и личности.

26298995

Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на четвртото место. Првите четири опсерватории според НАСА се:
Абу Симбел – Египет
Стоунхенџ – Велика Британија
Ангкор Ват – Камбоџа
Кокино – Република Македонија

- Реклама -