Кој ја зборува вистината – францускиот или италијанскиот амбасадор

Во интервјуа дадени во ист ден, францускиот амбасадор Тимоние зборува за можна одлука за почеток на преговори со Северна Македонија на Самитот ЕУ-Западен Балкан во мај во Загреб, додека италијанскиот амбасадор Ромео вели дека на Самитот во Загреб воопшто нема да се носат одлуки и дека тој не е за тоа

Амбасадорите на две влијателни земји членки на Европската Унија – Франција и Италија, во интервјуа дадени денеска за различни медиуми, се разидуваат во фактографијата за една многу базична работа, а тоа е – дали Самитот ЕУ-Западен Балкан, закажан за почетокот на мај во Загреб, е свечен и протоколарен собир или е самит на кој ќе се носат одлуки.

Тимоние: Самитот во Загреб е терминот за одлука

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, во интервју за „Вечер“, прашан дали праќа сигнал дека земјава „во март може да се надева на почеток на преговори“, одговара:

амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние (Фото: П. Стојановски)
„Некои наши партнери, како и Европската комисија, посакуваат брз календар, што соодветствува со нашите претпоставки. Терминот што си го дадовме и кој експлицитно е наведен во заклучоците од последниот Совет, тоа е загрепскиот Самит. Дали тоа значи дека тогаш ќе се официјализираат одредени одлуки и ќе се забрза процесот, не би знаел да кажам, иако ние тоа навистина го посакуваме.“

Ромео: Самитот во Загреб не е за носење одлуки

Претходно во денот, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), италијанскиот амбасадор Карло Ромео, пласираше сосема друго тврдење – дека загрепскиот самит воопшто не е самит за одлуки. Тој на конкретното прашање на РСЕ – гледате ли шанси за датум за преговори на претстојниот самит во мај во Загреб, одговара:

амбасадорот на Италија, Карло Ромео
„Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ многу брзо. Се надеваме дека тоа ќе биде на следниот Совет на ЕУ во март. На самитот во Загреб, ЕУ-Западен Балкан, нема да има одлука за отворање преговори, тој самит нема да биде за тоа. Нашата надеж е преговорите да се отворат што поскоро, првата можност за тоа ќе биде Советот во март.“

Заклучокот на ЕУ од октомври бара одлука пред Самитот во Загреб

Можно ли е двајца амбасадори на држави членки на ЕУ да кажуваат сосема различни работи што не се поврзани со политичките позиции на нивните влади и кој бил во право, ќе дознаеме во март или во мај. Досегашната пракса покажува дека самитите на ЕУ на кои се канат лидерите од државите од Западен Балкан, каков што ќе биде собирот во мај во Загреб, имаат свечен карактер и на нив не се носат одлуки. Последен таков самит се одржа во мај 2018 година во Софија, кога беше усвоена само политичка декларација, брз конкретни одлуки.

Впрочем, и заклучокот од Европскиот совет од октомври лани, оперира со одлука ПРЕД Самитот во Загреб:

„Европскиот совет ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година“.

360 степени

- Реклама -