За сега, разумно е да се претпостави дека само мал дел од светското население е имун на САРС-КоВ-2, дури и во тешко погодените области. Како би можела да се развие оваа провизорна слика кога ќе дојдат подобри податоци? Раните знаци укажуваат дека таа може да се промени во која било насока, вели епидемиологот и експерт за заразни болести Марк Липсич за Њујорк тајмс.
Меѓу многуте сè уште непознати факти за ковид-19 е како човечкиот имунолошки систем реагира на инфекција и што значи тоа за ширењето на болеста. Имунитетот по секоја инфекција може да варира од доживотен и целосен, до скоро непостоечки. Сепак, засега се достапни само првите искри од податоци за имунитетот од САРС-КоВ-2, коронавирусот што предизвикува ковид-19.
Што можат во таква ситуација да сторат научниците и политичарите што се потпираат на науката во донесувањето одлуки? Најдобриот пристап е да се изгради концептуален модел, збир од претпоставки за тоа како може да функционира имунитетот, врз основа на сегашното знаење за имунолошкиот систем и информациите за сродните вируси, а потоа да се идентификува како секој аспект на тој модел би можел да биде погрешен, како ние би го знаеле тоа и какви би биле последиците. Потоа, научниците треба да седнат да работат на надградување на тие факти преку набљудување и експериментирање.
Идеалното сценарио (ако еднаш е заразено, лицето е целосно имуно цел живот) е точно за голем број зарази. Познато е дека данскиот лекар Петер Панум го сфатил ова за сипаниците кога ги посетил Фарските Острови (меѓу Шкотска и Исланд) за време на епидемија во 1846 година и открил дека се заштитени жителите над 65 години што биле живи за време на претходната епидемија во 1781 година. Ова впечатливо истражување помогна во покренувањето на полињата имунологија и епидемиологија – а оттогаш, како и во многу други дисциплини, научната заедница откри дека честопати работите се покомплицирани.
Еден пример за „покомплицирано“ е имунитетот од коронавирусите, голема група вируси што понекогаш скокаат од домаќини-животни кај луѓето: САРС-КоВ-2 е третата голема епидемија на коронавирус што ги погоди луѓето во последно време, по епидемијата на САРС од 2002-03 година и епидемијата на МЕРС, која почна во 2012 година.
Голем дел од нашето познавање на имунитетот од коронавирусот не доаѓа од САРС или МЕРС, со кои се заразија релативно мал број луѓе, туку од коронавирусите што се шират секоја година предизвикувајќи респираторни инфекции што се движат од обична настинка до пневмонија. Во две одделни студии, истражувачите заразиле луѓе волонтери со сезонски коронавирус и околу една година подоцна им вбризгале ист или сличен вирус за да видат дали стекнале имунитет.
Во првата студија, истражувачите избрале 18 доброволци што добиле настинки откако им бил вбризган (или биле „испровоцирани“, како што е терминот) еден вид коронавирус во 1977 или 1978 година. На шест субјекти една година подоцна повторно им бил вбризган истиот вирус, и никој не бил заразен, веројатно благодарение на заштитата стекната со нивната имунолошка реакција на првата инфекција. На другите 12 доброволци една година подоцна им бил вбризган малку поинаков вид коронавирус, а нивната заштита од него била само делумна.
Во друга студија објавена во 1990 година, на 15 волонтери им бил вбризган коронавирус; 10 биле заразени. Четиринаесетмина од нив една година подоцна се вратиле за уште едно вбризгување на истиот вид вирус: тие покажале помалку сериозни симптоми и нивните тела создале помало количество од вирусот отколку по првото вбризгување, особено оние што првиот пат покажале силен имунолошки одговор.
За да се испита имунитетот на САРС и МЕРС не се спроведени такви експерименти со вбризгување во луѓе. Но количествата антитела во крвта на луѓе што ги преживеале тие инфекции сугерираат дека таа заштита трае некое време: две години за САРС, според една студија, и скоро три години за МЕРС, според друга. Сепак, неутрализирачката способност на овие антитела (мерка колку добро го спречуваат размножувањето на вирусот) веќе опаѓала за време на периодите на проучување.
Овие студии претставуваат основа за една едуцирана претпоставка за тоа што може да се случи кај пациентите со ковид-19. Откако ќе се заразат со САРС-КоВ-2, повеќето лица ќе имаат имунолошка реакција, некои подобра од другите. Таа реакција, може да се претпостави, ќе даде одредена заштита на среден рок – барем на една година – и тогаш нејзината ефикасност може да се намали.
И други докази го поддржуваат овој модел. Една неодамнешна рецензирана студија, водена од тим од универзитетот „Еразмо“, во Холандија, објави податоци од 12 пациенти што покажуваат дека развиле антитела по заразувањето со САРС-КоВ-2. Неколку мои колеги и студенти и јас статистички анализиравме илјадници сезонски случаи на коронавирус во САД и користевме математички модел и заклучивме дека имунитетот во текот на околу една година е веројатен и за двата сезонски коронавируси што се најтесно поврзани со САРС-КоВ-2 – што можеби е знак како може да се однесува имунитетот кон самиот САРС-КоВ-2.
Ако е точно дека инфекцијата создава имунитет кај повеќето или кај сите лица и дека заштитата трае една година или повеќе, тогаш заразувањето на поголем број луѓе кај која било дадена популација ќе доведе до создавање таканаречен имунитет на толпа. Како што сè повеќе и повеќе луѓе стануваат имуни на вирусот, една заразена личност има сè помалку и помалку шанси да стапи во контакт со лице подложно на заразување. Конечно, имунитетот на толпа станува толку сеприсутен што заразеното лице во просек заразува помалку од едно друго лице; во тој момент, бројот на новозаразените почнува да опаѓа. Ако имунитетот на толпа е доволно широко распространет, тогаш дури и во отсуство на мерките за да се забави преносот, ширењето на вирусот ќе биде спречено – барем додека не се намали имунитетот или не се појават доволно нови луѓе подложни на инфекција.
Во моментов, бројот на регистрираните случаи на ковид-19 е помал од реалниот поради ограниченото тестирање – можеби и со фактор 10 на некои места, како Италија од крајот на минатиот месец. Ако скриениот број е приближно на ова ниво и во други земји, тогаш мнозинството од населението во големи (ако не и во сите) делови од светот сè уште е подложно на инфекција, а имунитетот на толпа во моментов е ограничена појава. За долготрајна контрола на вирусот треба мнозинството луѓе да станат имуни, преку заразување и оздравување или преку вакцинација – а прашањето „колку големо мнозинство?“ зависи од останатите параметри на инфекцијата што остануваат непознати.
Една од грижите е поврзана со можноста за повторно заразување. Центарот за контрола и превенција на болести во Јужна Кореја неодамна извести дека 91 пациент што биле заразени со САРС-КоВ-2 и потоа имале негативни тестови за вирусот, подоцна повторно имале позитивни тестови. Ако некои од овие случаи навистина биле повторно заразување, тоа ќе фрли сомнеж на јачината на имунитетот што го развиле пациентите.
Една друга можност, за која многу научници сметаат дека е поверојатна, е дека овие пациенти имале лажен негативен тест, а всушност биле заразени, или дека инфекцијата привремено стивнала, а потоа повторно се појавила. Центарот за контрола и превенција на болести на Јужна Кореја сега работи на процена на веродостојноста на сите овие објаснувања. Како и кај другите болести кај кои е тешко да се разликува нова инфекција од ново разгорување на стара инфекција – како туберкулозата – прашањето може да се реши со споредување на вирусната геномска секвенца од првиот и вториот период на инфекција.
За сега, разумно е да се претпостави дека само мал дел од светското население е имун на САРС-КоВ-2, дури и во тешко погодените области. Како би можела да се развие оваа провизорна слика кога ќе дојдат подобри податоци? Раните знаци укажуваат дека таа може да се промени во која било насока.
Можно е да имало многу повеќе заразени со ковид-19 отколку што се пријавени, дури и откако ќе се земе предвид ограниченото тестирање. Една неодамнешна студија (сè уште нерецензирана) сугерира дека наместо, како што се вели, да имаат 10 пати повеќе од откриените случаи, Соединетите Држави реално може да имаат над 100, па дури и 1.000 повеќе од официјалниот број. Оваа процена е индиректен заклучок од статистичките соодноси. Во вонредни ситуации, ваквите индиректни процени може да бидат ран доказ за еден важен наод – или пак статистичка случајност. Но ако ова е точно, тогаш имунитетот на толпа од САРС-КоВ-2 може да се развива побрзо отколку што укажуваат бројките.
Но една друга неодамнешна студија (исто така сè уште нерецензирана) сугерира дека не секој случај на инфекција може да придонесе за имунитет на толпа. Од 175 кинески пациенти со благи симптоми на ковид-19, 70% развиле силна реакција со антитела, но околу 25% развиле слаба реакција, а околу 5% воопшто не развиле никаква забележлива реакција. Благото заболување, со други зборови, не може секогаш да изгради заштита. Слично на тоа, ќе биде важно да се испита имунолошката реакција кај лицата со асимптоматски случаи на инфекција САРС-КоВ-2 за да се утврди дали симптомите, како и нивната сериозност, предодредуваат дали некое лице станува имуно.
Рамнотежата помеѓу овие непознаници ќе стане појасна кога ќе се спроведат повеќе серолошки прегледи или крвни тестови за антитела кај голем број луѓе. Ваквите студии почнуваат и наскоро треба да покажат резултати. Се разбира, многу ќе зависи од тоа колку се чувствителни и специфични различните тестови: колку добро тие ги забележуваат антителата за САРС-КоВ-2 кога се присутни и дали можат да избегнат лажни сигнали од антитела за слични вируси.
Уште поголем предизвик ќе биде откривањето што значи имунолошкиот одговор за ризикот поединецот повторно да се зарази и да зарази други луѓе. Врз основа на волонтерските експерименти со сезонските коронавируси и студиите за истрајноста на антителата за САРС и МЕРС, може да очекуваме силниот имунолошки одговор на САРС-КоВ-2 целосно да заштити од повторно заразување, а послабиот да заштити од тешка инфекција и така сепак да го забави ширењето на вирусот.
Но создавањето валидни епидемиолошки студии за да се сфати сето ова не е лесно – многу научници, вклучително и неколку тимови чиј дел сум и јас – работат на овој проблем во моментов. Еден од проблемите е што претходно заразените луѓе може од луѓето што сè уште не биле заразени да се разликуваат на многу други начини што можат да го променат нивниот иден ризик од инфекција. Анализата на улогата на претходната изложеност на други фактори на ризик е пример за класичниот проблем што епидемиолозите го нарекуваат „збунувачки“ – а денес тоа е зачудувачки потешко поради брзите промени на условите на сè уште ширечката пандемија на САРС-КоВ-2.
А сепак исклучително е важно да се справиме со ова: не само да се процени степенот на имунитетот на толпа, туку и да се сфати дали некои луѓе можат безбедно да се вратат во општеството, без повторно да се заразуваат или да служат како вектор, и да го шират вирус на други. Главно за овој обид ќе биде утврдувањето колку долго трае заштитата.
Со текот на времето, и другите аспекти на имунитетот ќе станат појасни. Експерименталните и статистичките докази сугерираат дека заразувањето со еден коронавирус може да даде одреден степен на имунитет против различни, но поврзани коронавируси. Дали некои луѓе се изложени на поголем или помал ризик од инфекција со САРС-КоВ-2 затоа што претходно биле заразени со коронавируси е отворено прашање.
А тука е и прашањето на зајакнувањето на имунитетот: преку разновидни механизми, имунитетот кон еден коронавирус во некои случаи може да ја влоши инфекцијата наместо да ја спречи или да ја ублажи. Овој проблематичен феномен е најпознат кај една друга група вируси, флавивирусите, и може да објасни зошто вбризгувањето вакцина против денга треска, инфекција со флавивирус, понекогаш може да ја влоши болеста.
Ваквите механизми сè уште се изучуваат за коронавирусите, но загриженоста дека тие може да се во игра е една од пречките што го забавија развојот на експериментални вакцини против САРС и МЕРС. Заштитата од засилена инфекција предизвикана од имунолошкиот систем ќе биде и еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат научниците што се обидуваат да развијат вакцини за ковид-19. Добрата вест е дека истражувањата за САРС и МЕРС почнаа да разјаснуваат како функционира засилувањето, сугерирајќи начини да се избегне, а во моментов се спроведуваат вонредни напори да се најде вакцина за ковид-19, со користење на повеќекратни пристапи.
Потребни се повеќе научни факти за скоро секој аспект на овој нов вирус, но и во оваа пандемија, како и во претходните, мора да се донесуваат решенија што носат големи последици пред да се појават конечните податоци. Со оглед на оваа алармантност, традиционалниот научен метод – формулирање квалитетни стручни хипотези и нивно тестирање со експерименти и внимателна епидемиологија – е хиперзабрзан. Со оглед на вниманието на јавноста, таа работа е невообичаено „на ачик“. Во овие тешки околности, можам само да се надевам дека овој напис набргу ќе изгледа застарено – затоа што наскоро ќе се откријат многу повеќе работи за коронавирусот отколку што е познато во моментов.
Марк Липсич е професор на одделите за епидемиологија и имунологија и заразни болести на Харвард ТХ Чан школата за јавно здравје, каде што е и раководител на Центарот за динамика на заразни болести