Можеш ли да отидеш на Марс, да поставиш знаменце, да го присвоиш под правото на прв откривач, и после евентуално да го продадеш како имот?
За среќа, не можеш. Интернационалниот Договор за отворена вселена (Outer Space Treaty) од 1967 година гласи дека целиот „имот“ вон планетава „му припаѓа на целото човештво“ и не може да биде прогласен за суверена територија на ниту една нација или држава. Денес се стекнува сопственост на земја преку правниот систем; или преку уставот на една земја, која го наследува „суверенитетот“ од стари монархии, или преку интернационален договор кој воспоставува такво право. Во овој случај се работи токму за второво, со тоа што сопственоста им е дадена на „сите“.
Сепак, тоа не значи дека на Марс (или на други планети, или во вселената воопшто) не можеш да имаш приватна сопственост. Outer Space Treaty ги постави само основите, а подоцна нациите кои се потписнички на таа спогодба продолжија да го надградуваат. На пример, Луксембург и САД донесоа закони кои овозможуваат приватна сопственост врз „вселенски ресурси“, било да се присвоени при слободен пад (како астероиди, комети или соларен флукс кој фотоволтаичните панели го претвораат во електрична енергија) или да се на површината на некоја планета или под неа. Со други зборови, ако собереш ресурси на Марс, Венера, или каде било во вселената, твои се.
Па така според досегашните легални рамки, можеш да слеташ на Марс и да поставиш населба. Ги поседуваш сите нешта што ќе ги понесеш со себе, но не и почвата на која ќе слеташ т.е. изградиш населбата. Сепак, кога твоите градежни роботи, да речеме, ќе соберат реголит и ќе го складираш во одреден склад, тоа сега е „ресурс“ кој си го собрал и користиш. Сега го поседуваш и тоа.
Да речеме дека имаш и реактори и централа кои ја вшмукуваат ретката марсовска атмосфера и произведуваат кислород, метан, и вода. Или бушиш бунар до геотермално загреан подземен извор на вода и од тоа генерираш електрична енергија, ја грееш својата населба, спроведуваш научни експерименти и внимателно ја филтрираш за да произведеш употреблива вода; сите овие ресурси сега ти припаѓаат тебе.
Но сега станува покомплицирано. Си избушил бунар и имаш право на користење на тој бунар. Дали тоа ти дава „право на сопственост на водата“ во џиновскиот извор до кој си ископал? И ако да, до кој степен?
Или имаш изградено многу објекти на не баш конкретна линеарна територија (читај: раштркани), и иако не можеш да го поседуваш „плацот“, веќе имаш воспоставено цел спектар на права на сопственост, нели?
Па… Да речеме дека имаш лансирна платформа во близина (ама не баш блиску) и радарска телеметрија околу истата; Немаш право на сопственост на отворениот „воздух“ над неа само затоа што е твоја платформата, но дефинитивно можеш да присвоиш такво право како резултат на начинот на кој го користиш во форма на ресурс. Тоа значи дека твојот комшија не смее да изгради мост над твојата лансирна платформа, бидејќи така се меша во твојата способност/слобода на користење на ресурсот кој веќе ти припаѓа.
Но твојот комшија, ако е баш идиот, може да ти изгради куќа (каква и да е таа) до лансирната платформа. Не можеш да му нацрташ линија и да му речеш „до тука не смееш, гради понатаму“. Сепак, останува твое право да лансираш ракети од платформата, макар и тоа да му ја спржи куќата на идиотот (во пракса, таков идиот веројатно и не би се нашол).
Од сето ова, јасно е дека штом еднаш луѓето ќе почнат да собираат или подобруваат вселенски ресурси, правото на сопственост ќе созрева (ќе се надоградува) многу брзо. Дотогаш, правната основа е јасна: Марс им припаѓа на сите, и оттаму, во пракса, на никој.