Според многу историчари, Драган од Охрид е најверојатно првиот Македонец кој стапнал на американско тло. Згора на тоа, се верува дека тој e и кум на денешна Венецуела.
Македонската имиграција започнала во Америка многу порано од почетокот на 20-тиот век. Овие податоци се нашироко аргументирани во книгите: „Колекција на информации за историјата и културата на Македонија” од Џејмс Николоф, „Прошетка низ историјата“ од Роберт Каплан и „Јужнословенска имиграција во Америка“ од Џорџ Прпик.
Според информациите во овие книги, македонската имиграција во Америка потекнува од времето на Кристофер Колумбо. Како што спомнавме погоре, првиот бил Драган од Охрид – Македонецот кој пловел заедно со Колумбо.
Постојат две приказни за Драган од Охрид. Првата е дека Драган бил еретик кој избегнал прогон од Македонија, а потоа заминал за Шпанија. Подоцна бил откриен и бил осуден на смрт. Предвидената казна била да го запалат жив. Но среќата му се насмеала и Колумбо практично го спасил Драган од смрт, регрутирајќи го за првото патување до Америка.
Втората приказна вели дека Драган заедно со својата фамилија бил избркан од Охрид кога бил дете, веднаш по окупацијата на градот од страна на Турците. Целата фамилија се преселила во Шпанија, каде Драган служел војска и станал омилен војник на кралот. Така и завршил како дел од екипажот кој отпловил заедно со Колумбо.
Според оваа вторава приказна, кога Драган се вратил во Европа, оформил своја експедиција, и со свој сопствен екипаж отпловил за Венецуела. А таму, кога видел дека домородците живеат во наколни населби над водата и во мочурливите предели, тоа го потсетило на Венеција. Затоа областа ја именувал како „Венеција на земја“. Потоа наводно заминал и за Панама, станувајќи првиот бел човек што стапнал на таа почва.
Без разлика која од приказните е точна, останува фактот дека Драган од Охрид пловел заедно со Колумбо, и е првиот Македонец кој стапнал на американското копно.
Извор: Издание на „Македонски глас“ од 2006 година