Кога Силвестер Сталоне беше бездомник и си го продаде кучето за 25 долари

rocky-and-butkuss[1]

Животната приказна на Силвестер Сталоне е испишана како по рецепт на Холивуд. Притоа мислиме не на среќниот крај, туку на драмата и пресвртите што му претходеле.

Пред Сталоне да стане оваа денешна светска филмска ѕвезда, тој бил само еден обичен човек клекнат пред тешките удари на животот. Во еден момент, Сталоне останува комплетно без „скршен денар“, па дури и ѝ го краде и продава накитот на неговата сопруга; по што останува и без покрив над главата.

Да, таков бил некогаш Силвестер Сталоне – бездомник. Три дена живеел на автобуска станица во Њујорк. Немал како да си ја плаќа киријата и да купува храна. А според него, ова не е ни дното.

Најдолниот пад го достигнал кога си го продал своето сакано куче, за 25 долари. Немал пари повеќе да го храни, па го продал на случаен маж во продавница за алкохол. По зделката си заминал плачејќи, раскажува подоцна во едно интервју.

Две недели подоцна, Сталоне го гледал за него страшно инспиративниот бокс меч меѓу Мохамед Али и Чак Вепнер, во кој Али за прв пат доживува нокдаун (затоа што Вепнер му го згазнува стапалото).

https://youtu.be/YfHFIJ46uQE

По завршувањето на мечот, решава да напише сценарио за филм. И така се раѓа „Роки“. Сценариото било готово за 20 часа.

Задоволен од себе и со нова надеж, Сталоне тргнал да го продаде сценариото на филмско студио. И добил понуда – 125.000 долари. Но, студиото-понудувач имало еден важен услов: сакале во филмот да глуми веќе афирмирана ѕвезда. Сталоне, од друга страна, не бил тоа, но сакал тој да биде во главната улога и да го глуми Роки. Продуцентите не попуштале и инсистирале на „вистинска ѕвезда“, погрижувајќи се да му укажат на Сталоне дека изгледа чудно и дека смешно зборува. Овој си заминал со сценариото под рака.

Неколку недели подоцна, стигнала нова понуда од студиото – 250.000 долари, но повторно со истиот услов. Сталоне одбил. Следната понуда била 350.000. Сталоне повторно одбил. Веќе било очигледно дека студиото го сака филмот и гледа голем потенцијал во сценариото, па тоа се манифестирало и во следните понуди, иако повторно со главен услов да глуми друг актер. И тие биле безуспешни.

На крајот сепак, студиото попушта и му дозволува на Сталоне да ја глуми главната улога, со тоа што го купува сценариото за смешни 35.000 долари. Останатото е историја. Филмот освои Оскар за најдобар филм, за најдобра режија, и за најдобра монтажа. Да биде поиронично, Сталоне беше номиниран за најдобар актер на годината. Денес, во американската национална филмотека „Роки“ е запишан како еден од најголемите филмови на сите времиња и тешко дека постои жив човек на планетава што не го знае филмот…

Туку, што направил Сталоне со 35-те илјади долари што му биле платени за сценариото? Си го купил кучето што го продал. Го сакал својот пес толку многу што отишол пред продавницата за алкохол, каде што го продал, и стоел таму три дена, чекајќи го купувачот. Третиот ден човекот се појавил – со кучето. Сталоне објаснил зошто си дозволил така лош потег и го замолил да го откупи. Овој одбил. Сталоне му понудил 100 долари. Овој одбил. Му предложил 500 долари. Овој пак одбил. Одбил и 1.000 долари. На крајот, Сталоне си го носи кучето дома, полесен за 15.000 долари.

И останатото е историја…

c65abc072c5f4ebb56d4603417833a86[1]

- Реклама -