Кога папата забрани пагански празник и го воведе Св. Валентајн

Голотија, жртвување, крв, гозба, малку плескање… Така се забавуваа Римјаните пред црквата сето тоа да им го забрани. 

Во тоа време, жителите на Рим обожавале да се зезаат така што двајца од нив ќе глумеле дека се „волчји браќа“, па ќе трчале по околината на Палатин и ќе „ловеле“ девојки и млади жени, за (умерено силно) да ги операдашат со ремен од козја кожа. Тоа народно славје се нарекувало „Луперкалија“ и се славело најмалку 500 години, веројатно и подолго, и тоа од 13-ти до 15-ти февруари. Ако датумот ви звучи познато, да, тоа е што мислите. Според многу историчари, се работи за пагански празник од кој подоцна се развил „Валентиново“ т.е. Денот на Св. Валентин.

Луперкалија, меѓутоа, одвај и да имал сличности со Валентиново. Почнувал со обреди во Луперкала, во една пештера во подножјето на ридот Палатин, каде според традицијата Римската волчица ги доела Ромул и Рем – браќата кои потоа ги пронашол овчарот Фаустул. Тоа се и браќата кои го основале Рим – вечниот град на седумте ридови, што само му додавал важност на славењето на Луперкалија меѓу Римјаните. Празнувањето почнувало така што двајцата „волчји браќа“ принесувале жртва од две кози и едно куче во митската пештера.

Според некои толкувања, жртвата ја принесувал висок Јупитеров свештеник. „Браќата“ потоа би им нанеле крв на челата на жртвуваните животни, ќе им ја одереле кожата, па ќе тргнеле во камшикувачки поход на собраните. А меѓу собраните најмногу имало млади жени, заради верувањето дека празникот носи плодност, спречува стерилитет, и дека ако добијат ритуален удар со парчето кожа, болките при породувањето ќе бидат помали.

Во обичаите од тие денови се вбројувало и печење на празнични колачи и слични пропратни ситници кои на Римјаните им биле забавни. Забавно престанало да им биде на самиот крај на 5-от век, кога папата Геласиус I (494-496 година) одлучил да му стави крај на празникот, делумно зашто се работело за нехристијански празник, а делумно и затоа што „волчјите браќа“ освен што на себе носеле жртвувани животни, според традицијата биле и голи (и така голи ги бркале младите Римјанки, на кои сето ова им било супер).

Заради ова со Луперкалија папата влегол во сериозни несогласувања со римските сенатори, кои се залагале за зачувување на празникот. Сепак, преовладале неговата папска мудрост и овластувањата со кои располагал, а Луперкалија била забранета еднаш и засекогаш.

Така доаѓаме до Св. Валентин од Рим – христијански маченик кој на 14-ти февруари (некои велат во 269 година, а други во 273-та) бил ѕверски мачен, а на крајот бил и убиен. Некои извори велат дека се работело и за повеќе од еден Валентинов маченик.

Како и да е, во 496-тата година, Геласиус го вовел Денот на Свети Валентин. Според многумина, таквата одлука се должи и на тоа што навиките тешко умираат, па ете, кога веќе луѓето инсистирале, папата им дал нешто за славење. Други истражувачи на историските околности од тој период, пак, сметаат дека папата Геласиус I на местото на Луперкалија го вовел празникот Сретение Господово.

Аргументот на оние првите е легендата според која христијанскиот свештеник Валентин од Рим тајно ги венчал заљубените парови, откако царот Клаудиј II во некој неодреден период и од некои неодредени причини ги забранил венчавките. Исто така, Римјаните најверојатно не дошле самите до идејата за славење на празникот на плодноста, туку (што би рекле „отровните јазици“) како по обичај го присвоиле од еден старогрчки ритуал – Ликај – кој се одвивал во пештера во грчката област Аркадија, а бил поврзан, меѓу другото, и со плодноста и богот Пан. Ама тоа е веќе друга приказна…

- Реклама -