Кога на новозеландските фармери им гореа панталоните, буквално

Верувале или не, во 1930-тите новозеландските фармери имале проблеми со запаливи панталони. Панталоните им пламнувале, некогаш и експлодирале навидум без причина. Зборуваме за смртоносни последици.

Како што пишува Аtlas Obscura, проблемот почнал кога во доцните 1800-ти дивата инвазивна трева со европско потекло наречена „ragwort“ (Jacobaea vulgaris), почнала да расте и во Нов Зеланд.

Тревата е слична на глуварче, но многу поопасна. Коњите и кравите, на пример, реагираат на неа како на отров. А во Нов Зеланд, бидејќи кравите ја избегнувале кога паселе, тревата сè повеќе се ширела.

За да се изборат со тревата која им ги уништувала посевите, новозеландските фармери побарале од Министерството за земјоделство да користат натриум хлорат како хербицид. Резултати имало, но тоа што фармерите не го знаеле е дека натриум хлоратот е екстремно запалив.

Нивните панталони и облека, прекриени со фин слој од супстанцата, лесно пламнувале во оган кога биле изложени на топлина, особено кога ги оставале до камин да се сушат. Меѓу „жртвите“ бил и извесен Ричард Бакли, кој го има опишано инцидентот со следниве зборови: „видов серија од детонации во панталоните (додека ги сушев крај огништето)“.

Кога рековме дека натриум хлоратот е екстремно запалив, навистина мислевме на „екстремно“. Според сведоштвата од тоа време, доволно за да се потпалат панталоните било и обичното триење – како на пример додека јавате коњ.

Да запалите чкорче за да пушите тутун или да си го осветлите патот било уште полоша идеја. Има извештаи и за неколку смртни случаи, што доволно зборува дека новозеландските фармери незнаејќи шетале наоколу како потенцијални молотови коктели.

На крајот конечно се расчуло за хазардните својства на натриум хлоратот, па прекинала и неговата употреба. Што се однесува до тревата… Ги нервира Новозеланѓани до ден денес.

Патем, чудниот случај на Ричард е една од темите што ги инспирираше победниците ИгНобеловите награди во 2005 (се доделуваат за „откритија што прво ќе те насмеат, па ќе те натераат да мислиш“). Новозеланѓанец доби награда Агрикултурна историја откако ги објасни здравствените опасности од натриум хлоратот – истиот тој што жареше и палеше меѓу фармерите во рурален Нов Зеланд во 1931-та.

- Реклама -