Кога Себастијан Марокин (синот на Пабло Ескобар, чие вистинско име пред да го промени беше Хуан Пабло Ескобар) во интервју за магазинот Don Juan во 2009-та опишуваше како е да се живее како дете на „кралот на кокаинот“, раскажа и за една случка која дефинитивно прилега само во биографија на човек како Пабло Ескобар, или евентуално во некое фиктивно филмско сценарио.
Иако Пабло ќе остане да важи за еден од најбезмилосните наркобарони, тој бил познат по тоа што бил извонредно грижлив татко. Тоа, сепак, не го менува фактот што со своето семејство голем дел од времето го поминал во бегство.
Во еден таков период, додека семејството живеело на таен имот во планините околу Меделин, ќерката на Пабло – Мануела, добила хипотермија. Како што раскажува Себастијан, татко му без премногу колебање решил да запали 2 милиона долара во кеш за да ја стопли неа и семејството.
Дали 2 милиони долари топлат подобро од некој потрадиционален вид греење – не знаеме, ама сигурно не топлеле доволно за да ја покријат паранојата (веројатно оправдана) на Пабло Ескобар околу безбедноста на неговото семејство. Како што раскажува Себастијан во интервјуто, кокаинскиот барон го преместувал своето семејство на секои 48 часа, низ 15 различни тајни локации низ Меделин – наизменично. Дополнително, при секое „селење“ тој им ги врзувал очите, и така ги оставал за време на целото патување, сé со цел да не знаат каде се наоѓаат.
Кога семејството ќе пристигнело на планираната локација, Пабло ги водел да го разгледаат местото, до детал, за да види дали ќе ја препознаат областа. Ако ја препознаеле, веднаш ги релоцирал на друга безбедна локација, а оваа „разоткриената“ веднаш била елиминирана од листата на тајни локации за понатамошна употреба.
Сето ова со една цел – во случај некој од нив да биде фатен или мачен (од конкурентски картел, на пример), да не може да го открие засолништето на останатите членови од семејството.
За крај, чисто за споредба: Наркокартелот на Ескобар произведувал 80% од светската потрошувачка на кокаин. Се проценува дека неговата крминална организација заработувала 420 милиони долари неделно.