Знаете ли кој е овој на сликата? Повеќето луѓе немаат ниту слушнато за него, а треба, исто како што слушнале за Хитлер или за Мусолини. Се работи за кралот Леополд II од Белгија. Се работи за убиени 10 милиони луѓе во Конго.
Леополд II го поседувал Конго за време на неговата монархија во Белгија. По неколку пропаднати колонијални обиди во Азија и Африка, тој се сместил во споменатата африканска земја. Поточно, ја купил, покорувајќи го нејзиното население, и наскоро ја претворил целата земја во плантажа за робови. Неговиот „бизнис“ го маскирал зад „филантропски“ и „научно-истражувачки“ причини, сето под капата на Меѓународното африканско друштво. Трудот на робовите го користел за да приграби и тргува со конгоанските ресурси и услуги. Неговото владеење е одбележано со присилни работни кампови, сакатење, егзекуции, мачење и неговата приватна армија.
Ретко каде се учи за тиранијата на Леполд II во Африка. За него не се зборува во медиумите. Го нема во глобалниот наратив на опресија како што ги има Холокаустот и Втората светска војна, а е дел од долгата историја на колонијализмот, империјализмот, ропството и геноцидот. Можеби ова е затоа што таквата приказна не му одговара на капиталистичкиот курикулум. Иако светската јавнос знае одвреме-навреме гласно да ги осуди расистичките изјави кои доаѓаат од денешното „љубезно“ општество, некако многу многу не и се пишува за европските капиталистички монарси кои прибегнувале кон геноцид на африканското население.
Марк Твен има напишано сатира за кралот Леополд II наречена „Леополдов монолог: Одбрана на неговото владеење во Конго“, во која ги исмева дефанзивните аргументи на кралот околу неговото владеење преку терор, и тоа преку негови сопствени зборови. „Монологот“ е долг 49 страни. Марк Твен е популарен автор во американските основни и средни училишта, но како и кај повеќето политички автори, често се читаат најмалку-политичките дела или пак политичките ставови на авторите се предаваат без да биде објаснето зошто самите автори ги имале. Така, Орвеловата „Животинска фарма“ често се користи за да се зајакне американската анти-социјалистичка пропаганда, но ретко се спомнува дека Орвел бил анти-капиталист. Сеедно, Монологот на Леополд го нема на листата за читање. Многумина афро-американски интелектуалци го обвинуваат Западот дека за него, Африканците немаат историја.
Генералната слика што ја имаме за Африка е прилично поинаква од онаа темна реалност што ја мачи низ историјата. Читаме и учиме за Древниот Египет преку сликички, за ХИВ епидемијата (ретко за причините за истата), по нешто за трговијата со робови, за гладни деца, за џунгли и диви животни, за сафари и пустини – најчесто преку филмовите. Леополд II (и конгоанскиот геноцид) нема да го најдеме во Африка, а се избегнуваат и детали за тоа што САД прават во Ирак и Афганистан, колку цивили убиваат со бомбардирање, санкции, болести и глад. Бројките на жртвите се важни, освен кога се за Афганистанци, Ирачани, Конгоанци.
Геноцидот во Конго го нема ни на википедија страната наречена „Геноциди низ историјата“. Додуша Конго се спомнува како референца во контекст на Втората конгоанска војна, попозната како „Африканската светска војна“ или „Големата војна на АФрика“, во која двете страни на мултинационалниот конфликт го гонат Бамбенга и потоа го јадат. Така, интересно е што единствено се спомнува канибализмот на прилично мали групи африкански народи, но воопшто не се спомнуваат условите кои придонеле да дојде до конфликтот.
И додека приказните што го поддржуваат наративот дека луѓето од Африка се попримитивни (помалку луѓе) од останатиот свет, особено споредено со Европа и САД, немаат проблеми да бидат вметнати во историјата, Леополд II и сличните некако не успеваат да се квалификуваат. Убиството на 10-15 милиони Африканци не те прави Хитлер и човештвото не те поистоветува со олицетворение на злото. Кога ќе чуете „Леополд II“ во вашата глава се работи за некој си историски владетел, ама ги нема оние негативните емоции како страв, омраза или тага.
Тиранијата на Леополд II во Конго е само дел од цел еден систем, систем за кој не се зборува пред масите. Она што капитализмот го прави во Африка и богатите бели експлоататори кои имаат огромни придобивки од таквото делување остануваат скриени. Жртвите на империјализмот, како и некогаш, остануваат невидливи.