Кога Star Wars излезе во кината пред безмалку точно 40 години, ја смени филмската индустрија засекогаш. Со големиот импакт што го постигна на многу полиња, Star Wars беше страшно заслужен што научната фантастика одеднаш се најде во фокусот на поп-културата, особено во филмот. Во една таква клима, како може Џејмс Бонд да остане конкурентен, освен да го пратиш во вселената?
Неодамнешното трагично починување на Сер Роџер Мур нé враќа токму во тие времиња, кога и самиот Џејмс Бонд серијал проба да ја уновчи вселенската треска што ја предизвика Star Wars преку бокс-офисот. По новелата „The Spy Who Loved Me“ – 9-тата новела за Џејмс Бонд (да, серијалот е според новела) и третиот филм со Роџер Мур, првичната замисла на продуцентите беше да ја адаптираат „For Your Eyes Only“. Но огромниот успех на Star Wars им ги растури плановите и изнуди промена во насоката во која ќе се развива серијалот. Па така, за четврт Џејмс Бонд филм со Роџер Мур беше избран „Moonraker“.
Освен „вселенскиот“ наслов, оригиналната новела на Ијан Флеминг воопшто не беше сци-фи. Напротив, во време на издавањето беше критикувана бидејќи се одвиваше исклучиво во Англија. Фановите беа лути поради недостатокот од егзотични локации во приказната на книгата, која се вртеше околу индустријалистичкиот одметник Хуго Дракс, кој се обидува да го искористи проектилниот одбранбен систем кој го дизајнирал за британската влада за да го бомбардира Лондон со нуклеарка. Но, како што рековме, филмот требаше барем по нешто да наликува на Star Wars, а продуцентите го „постигнаа“ тоа со тоа што не променија ништо друго, освен што едноставно го подигнаа размерот на злобните планови на негативецот до вонпланетарно ниво – така што кулминацијата на Moonraker се одвиваше на вселенска станица која орбитираше околу Земјата.
И така се отелотвори една од најмалку уверливите сцени во историјата на Џејмс Бонд – тој, заедно со својата партнерка Holly Goodhead (!), се борат во вселената за да го спречат Дракс во лансирањето на нервен гас во атмосферата на Земјата. Во меѓувреме, САД праќаат единица од Маринци за да ги поразат помошниците на Дракс. Сето тоа резултира со голема хаотична борба со ласери во нулта гравитација – многу слична на… Star Wars, се разбира.
Франшизата Бонд никогаш порано немаше пробано да направи нешто слично, а можеби нема ни во иднина. Астронаути vs. фашисти е премиса за која нема место во посериозните серијали како овој, можеби само во комедиите. Сепак, Џејмс Бонд со Роџер Мур се дрзна да го направи, и на крајот сепак не изгледаше лошо, колку и да беше апсурдно. А токму тој наивен шарм кој му го донесе на серијалот 007 е еден од аспектите по кој Роџер Мур ќе остане запаметен.