Кога Американците сакаа да фрлат нуклеарка на месечината

A-Trip-to-The-Moon_5[1]

До ден денешен Американците не знаат чија идеја била да се фрли нуклеарка на месечината. Како и со другите луди идеи смислени во екот на Студената војна, и оваа звучи како некаков сон во бунило од 50-тите, ера кога човештвото беше истовремено на работ на уништување и на откривање на сосема нови светови на човечко постоење: вселената. Денес никој не мисли дека нуклеарка на месечината е добра идеја (се надеваме), ама очигледно во тоа време имало барем еден костумосан Американец во Пентагон кој фрлил поглед на месечината, па на нуклеарниот арсенал, па пак на месечината, и рекол: „Хмм… А што ако…?“.

Деталите од програмата наречена Проект А119, прв пат излегоа во јавноста во 2000 година, кога ги обелодени Леонард Рајфел – физичарот задолжен да ја разгледа можноста за детонирање на нуклеарка на месечевата површина или во нејзина близина. За британскиот The Observer, Рајфел рече дека авијацијата му ја доделила таа должност во 1958, една година откако Советскиот сојуз го лансираше Спутник – првиот сателит во орбитата. Според Рајфел, тогашната главна грижа американските официјални лица била дека Русите може да ги победат во вселенската трка.

„Јасно беше дека главната цел на предложената детонација беше пи-ар егзибиција и демонстирање на супериорност“, рече Рајфел. „Авијацијата сакаше печурка толку голема што ќе биде видлива од Земјата“.

Дека властите биле мошне радосни да си играат со (можностите на) тогаш новата и сé уште недоразбрана играчка – атомската енергија, говори и фактот што додека се разгледувал проектот А119, армијата го смислила и Проект Хоризон, според кој требало да се изгради воена база на месечината, по цена од 6 милијарди долари; веројатно последица од тоа што во тој период постоеле сомневања и дека и Советите наводно сакаат да детонираат нуклеарка на месечината, што предизвика паника во барем еден американски весник дека „боевата глава може да се врати како бумеранг кон Земјата“.

За разлика од туѓите, американските и руските научници беа многу помалку загрижени околу своите играчки, па во истиот тој период експериментираа и со нуклеарни подморници (кои станаа реалност) и со вселенски бродови на нуклеарен погон (кои не станаа реалност). Единствената грижа што ги мачеше кога нешто ќе измислеа, е дали можеби другата страна се имаше сетено на тоа прва или дали го имаше направено подобро од нив.

А што ако Американците (или Русите) сепак фрлеа нуклеарка на месечината?

Optimized-NASA-nuke-Moon[1]

Во јуни 1959, Рајфел и неговиот тим подготвија тогаш доверлив (а денес достапен) извештај под наслов „Студија за лунарни истражувачки летови“. Како што насловот звучи наивно и сосема технички, така и самиот извештај е поштеден од целата хистерија на Студената војна и не го доловува вистинскиот размер на лудилото да се бомбардира месечината со нуклеарка. Ама затоа, извештајот детално навлегува во сите аспекти од таквата евентуална голема глупост. Меѓу другото, се спомнува дури и малата можност дека таквата детонација би ги избришала сите евентуални траги од живот таму горе (тогаш уште не знаевме дали на месечината има живот или не).

Од технички аспект, како што рече и самиот Рајфел за The Observer, бомбардирањето на месечината не претставувало некаква тешка задача, за разлика од било каков обид да се слетаат инструменти на нејзината површина, што и е предложено во извештајот. Па, што ако го направеле тоа?

Освен тоа што нуклеарната експлозија на месечината во 1959 со сигурност би ги снабдила научниците со убава количина на експериментални податоци и би демонстрирала технолошка супериорност над СССР, таквиот подвиг можеше да тргне и сосема наопаку. Како што наведува Рајфел, „исто така сигурно е дека, освен ако климата за светското мислење не е однапред добро подготвена, ќе има значителна негативна реакција“. Со други зборови, ако имаш намера да ја бомбардираш месечината, подобро е да го најавиш тоа и да ги предупредиш сите во светот, или во спротивно ќе настане општ хаос, страв и лудило со веројатно несогледливи последици.

Со оглед на пи-ар карактерот на мисијата, јасно е дека Американците ќе сакале нуклеарната реакција да се види од Земјата, што и без тоа веројатно би се случило – наведува Арег Данагулијан – асистент професор по нуклеарна наука и инженерство на MIT. Секако, ефектите од нуклеарната детонација би зависеле од низа фактори – вклучувајќи и колку е голема бомбата и колку далеку над површината е детонирана, но генерално, ако Проект А119 станеше реалност, според Данагулијан, ќе се случеше следново:

Со оглед на тоа што месечината нема атмосфера, нуклеарка таму немаше да предизвика шок како на Земјата. Плус, ако нуклеарка падне на месечината и таму нема никој во близина за да ја „чуе“, нема да има никаков звук. Нуклеарната реакција единствено би предизвикала блесок што можеби би бил видлив од Земјата, но она што Земјаните главно би го виделе би бил правот што би се кренал од месечината. Радијацијата од нуклеарката би ја загреала лунарната површина, резултирајќи со ослободување на правот во масивен облак. Кога овој облак ќе се крене од површината, барем дел од него би бил осветлен од Сонцето, особено ако доаѓа од темната страна на месечината. Дел од овој прав би патувал доволно брзо за да избега од гравитацијата на месечината и би завршил во отворената вселена.

Ако сé тоа се случело, ќе требаше ли астронаутите да се грижат за нуклеарниот отпад кога слетуваа на месечината? Одговорот повторно зависи од низа фактори (периодот изминат од детонацијата, начинот на кој е бомбата детонирана, типот на бомбата, местото на слетување…), но месечината и без тоа е веќе многу радиоактивна. Нема атмосфера или магнетско поле, па површината ѝ е бомбардирана од многу повеќе космичка радијација од вселената отколку таа на на Земјата, што резултира со нивоа на радијација многу поголеми од тие што ги имаме овде. Со други зборови, врткањето на месечината е ионака многу опасно, па радијацијата од Проект А119 не би била меѓу главните грижи на идните човечки екипажи.

Самиот Рајфел изјави дека не е баш сигурен зошто Проектот А119 никогаш не беше реализиран, иако и самиот бил запрепастен што таква идеја (со единствена цел да се афектира јавното мислење) некому воопшто му текнала. Веројатно соочен со изборот меѓу тоа да се прати бомба, или Американец на месечината, на Пентагон попривлечно му звучело ова второто.

Како и да е, од 1967 година, со спогодбата околу принципите на вселенско истражување потпишана под капата на Обединетите Нации, се забранува било каква употреба на нуклеарни оружја во вселената, правејќи ја залудна секоја студија за фрлање нуклеарка на месечината. Тоа значи дека никогаш во нашите животи нема да видиме облак од прав што се крева од месечината… освен ако нешто не тргне ептен, ептен на лошо.

- Реклама -