Во старата Касарна под Тумбе Кафе во Битола, каде сега никнува нова населба и веќе живеат неколку илјади луѓе, сѐ уште има напуштени (и руинирани) објекти кои беа користени од Армијата. Во еден од нив, спротивно на прописите, се складирани неексплодирани бомби кои претставуваат голема потенцијална опасност за експлозија која би можела да разнесе половина град, алармира „КОД“ на „Телма“.
„Многу е опасно, во магацинот да се случи пожар или нешто слично, ќе има огромна експлозија, со несогледливи последици за градот и околината каде што се наоѓаме“, предупредува Ѓорѓи Стефанов, единствениот преостанат пиротехичар во Битола.
Според стандардите, ваквите складишта треба да се наоѓаат на најмалку 15 километри од населено место. Но во случајов не само што не е запазено ова правило, туку и нема никакво предупредување за опасност на или околу објектот, ниту пак е обезбеден со физичко присуство:
„Сепак, поради безбедносни причини не ја снимивме локацијата од надворешната страна. Стефанов ја отклучи металната врата со обичен катанец, а во стовариштето внатре, покрај сите предмети што ги чува Дирекцијата за заштита и спасување, наредени се и бомбите“, раскажува во прилогот тимот на „КОД“, кој исто така пред вратата затекнал остатоци од огниште на кое веројатно претходната ноќ некој се топлел, незнаејќи дека може да настрада и притоа да разнесе и половина град.
Како што посочува Стефанов, најголем дел од неексплодираните бомби се пронајдени пред околу десетина дена при реконструкција на Стадионот под Тумбе Кафе во Битола. За само два дена, во близина на јужната трибина на стадионот биле извадени 593 парчиња 75-милиметарски артилериски гранати, што по количина претставува и најголемо откритие досега од ваков тип.
Во меѓувреме работата е запрена бидејќи, според Стефанов, Дирекцијата нема соодветна механизација, а ангажираниот багерист од градежна фирма одбил да продолжи со работата поради страв за својот живот. Веќе неколку дена полицијата деноноќно ја обезбедува локацијата, но никој и ништо понатаму не презема во државата, реагира пиротехничарот.
Згора на тоа, алармира „КОД“, сега опасноста е двојна – бомби има во магацинот во касарната, а веројатно уште толку има и што сѐ уште не се откопани.