Коби Брајант стана само петтиот играч во историјата на НБА кој минал 30.000 постигнати поени во тек на регуларните сезони, со 34 години, три месеци и 12 дена, најмлад на кој тоа му успеало. Историскиот погодок Брајант го постигна со шут преку центарот на Њу Орлеанс, Робин Лопез, пред крајот на првото полувреме стигнувајќи до 30.001 поени.
Повеќе кошеви од Брајант постигнале единствено Карим Абдул Џабар, Карл Мелоун, Мајкл Џордан и Вилт Чембрлен. Брајант е единствен од нив не одел на колеџ, а професионалната кариера ја почнал од 18 години што е и една од причините што до импозантните бројки стигна според годините најмлад од петте ѕвезди.
Јубилејот на својата најголема ѕвезда ЛА лејкерс го дополнија со победата над Њу Орлеанс од 103-87. Брајант мечот го заврши со 29 поени, шест скока, четири асистенции и три украдени топки, а Двајт Хауард постигна 18 поени. Поради повреда во екипата не беше По Гасол. Билансот на Лејкерси оваа сезона е разочарувачки 9-10.
Њујорк никс, пак, стигнаа до петтата едноподруго победа, 100-98 во Шарлот, со кошот на Џеј Ар Смит во последната секунда од мечот. Смит дуелот го заврши со 13 поени. Кармело Ентони постигна 23 поени, додека Тајсон Чендлер – 18 поени со 17 скока од осум во нападот. Во тимот на Шарлот најдобар беше Кемба Вокер со 25 поени и 11 асистенции.
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Њујорк 98-100, Индијана – Портланд 99-92, Бостон – Минесота 104-94, Детроит – Голден стејт 97-104, Кливленд – Чикаго 85-95, Атланта – Денвер 108-104, Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 87-103, Сан Антонио – Милвоки 110-89, Јута – Орландо 87-81, Сакраменто – Торонто 107-100, ЛА Клиперс – Далас 112-90.