Изгледа како обична клупа, а тоа на средината изгледа како обичен наслон. Слични ќе видите во многу градови, а овие како на сликата неодамна никнаа во Ламонт Парк во Вашингтон. Овие всушност беа обични клупи, но некој непознат „герилец“ со очигледни познавања од столарија реши да им додаде наслони по средината.
Наивниот ум ќе помисли дека ваквите прегради се ставени за поудобно седење, или можеби за да охрабрат луѓе што не се познаваат да седнат на иста клупа, давајќи им илузија на приватен простор на тие што се малку поповлечени околу странци. Ама не е тоа. Ставени се по средина за да не може бездомник да легне на клупата.
Очекувано, за некои ова е добра ствар. Кај повеќето други, меѓутоа, предизвика гнев и прерасна во одличен пример за „непријателска архитектура“.
Како што објаснува Popular Science, непријателска архитектура е кога јавните простори се прават да бидат намерно одбивни, во обид да се обесхрабрат одредени употреби на просторот или објектите, често припишувани на конкретен демографски слој. Тој демографски слој, за жал најчесто, се бездомниците.
Доброто во случајов со Ламонт Парк (кој не е нешто посебно познат по многу бездомници) е што преградиве ги поставил непознат лик без никакво официјално одобрение од локалните власти, па ќе бидат тргнати. Лошото е што сé повеќе се котат ликови како него што се спремни да вложат сериозни напори за вака ниски изливи на елитизам.
Некои несомнено ќе ги правдаат ваквите постапки и ќе ви речат „јас плаќам даноци, јас сум корисен за општеството, имам право да седнам баш на таа клупа баш во тие три минути кога ќе ми прдне“. Одговорете им вака: „Да, ти можеби си корисен за општеството, ама си напаст за човештвото и човечкото“. Веројатно си знаат, ама нека се потсетат.