„Клинци“ – прво издание на книжевните читања со настап на млади автори

Првото издание на книжевните читања „Клинци“ во организација на неформалната младинска организација за култура „Култура бета“ ќе се одржи вечер со почеток во 20 часот во Europe House Skopje.

На првото издание на „Клинци“ публиката ќе има можност да се запознае со поезијата и прозата на четворица млади автори и авторки, Ива Петреска, Стефан Спасовски, Ангела Бошкоска и Христијан Мурџески. Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба на младата уметница Тамара Блажевска.

„Некои ќе речат, а можеби и ќе викнат, гордо ќе кажат „Ништо не прават децава денес…“ Инспирирани, испровоцирани и поттикнати од ваквите изјави почнуваме со еден нов концепт на книжевни читања наречен „Клинци“. Секое издание се запознаваме со четворица млади автори кои штотуку влегуваат на книжевната сцена, а на секој настан ќе може да се види и една помала изложба на некој млад уметник. Понатаму планираме настаните да ги збогатуваме и со музички перформанси на млади музичари и проекции на краткометражни филмови од млади режисери“, истакнуваат од „Култура бета“.

Настанот ќе го модерира младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски.

Организацијата на поетското читање е во соработка и со поддршка на Europe House Skopje.

Извор: mia.mk

- Реклама -