Досегашните напори на нашата администрација резултираа со големи раздвижувања на работите во регионот и затоа се залагаме да се направи договор со кој ќе се ослободат заложниците и ќе се создадат услови за прекин на огнот, рече американската потпретседателка
Во интервју за Си-Би-Ес кое треба целосно да се емитува утре, актуелната потпретседателка и кандидатка за претседател од Демократската партија, Камала Харис рече дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат со дипломатскиот притисок за да се овозможи прекин на огнот во Појасот Газа. Таа го избегна прашањето дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „вистински сојузник“ на САД, туку само кажа дека сега поважно е прашањето дали постои силен сојуз меѓу американскиот и израелскиот народ, потврдувајќи дека постои таков сојуз.
Кога станува збор за иранскиот ракетен напад врз Израел кој се случи пред неколку дена, Харис рече дека Вашингтон го поддржува правото на Израел за самоодбрана од Иран и групите како Хамас и Хезболах, кои се поддржани од Техеран.
„Наш императив е да направиме се што можеме за да му дозволиме на Израел да се брани од ваквите напади“,
рече Харис.
Утре, на седми октомври ќе наврши една година по намадот на Хамас врз Израел кој ја предизвика војната во Газа. Израел е во состојба на висока готовност, а нивото на безбедност го кренаа и неколку европски земји. Израелската армија сега својот фокус го насочи кон северниот сосед Либан, каде војува со шиитската група и сојзуник на Хамас и Иран, Хезболах.
Денеска, јужните предградија на Бејрут контролирани од шиитското движење Хезболах беа цел на напади на израелските бомбардери. Во текот на ноќта и денот, силни експлозии одекнуваа од различни делови на јужниот дел на главниот град на Либан. Очевидци за тамошните медиуми сведочат дека овие напади биле најмоќните досега и оти израелските воздушни сили извршиле над десет разорни напади.