Додека Рајнер Шимф едноставно нуркал следејќи јато сардини во обид да ги сними, се случило нешто што ни тој, но ни другата страна, не го очекувале.
Преселбата на сардините кај Порт Елизабет е најголемата миграција на животни во Јужната хемисфера. Таму, во одредени периоди од годината, птиците, пингвините, фоките, делфините, китовите и ајкулите ги здружуваат силите и заедно работат на тоа да ги потиснат рибите во мали јата за полесно фаќање.
Како и секоја претходна од 15-те години откако 51-годишниот Рајнер работи како нуркачки тур-оператор и фотограф кој се бави со природата, така и овојпат Рајнер бил на местото на настанот за да го документира овој заеднички „бал“ на морските животни.
„Едноставно се обидував да снимам ајкула додека поминува низ јатото, кога одеднаш стана темно и почувствував дека нешто ме притиска на колкот“, раскажува Рајнер, кој веднаш знаел дека е лапнат од кит. Знаеле и неговите колеги, бидејќи сето тоа го снимиле на камера.
За тоа време, Рајнер знаел дека нема место за паника и дека мора да реагира присебно. Знаејќи дека најчестиот вид китови во тој предел – Bryde’s whale, има тесен хранопровод (потесен и од кошаркарска топка, специјализиран за мал плен како планктони, ракчиња и сардини, но не и човек) и не може да го голтне, Рајнер веднаш бил свесен дека китот веројатно веднаш ќе се нурне и ќе го однесе во длабочините, каде што по извесно време повторно ќе ја отвори устата и ќе го ослободи. Затоа наместо да паничи, истантно го задржал здивот, чекајќи го моментот на „ослободување“.
За негова среќа, тоа се случило многу брзо, по само неколку секунди. Рајнер ја имал среќата и да не биде удрен од перките на китот – китовите од овој вид обично се долги по 14 -15 метри, па удар со перка лесно би можел да повреди човек, па дури и да му ги скрши ребрата.
„Следниот момент некако почувстував дека китот заврти и притисокот го снема, и потоа бев ‘исплукан’ од устата“, раскажува нуркачот. „Се вратив на површината, а таму дефинитивно не изгледав баш најпаметно“, коментира тој надоврзувајќи се на колегите од неговиот тим, кои на шега коментираат дека не се знаело кој бил повеќе збунет, тој или китот кога го лапнал.
Како што истакнува Клаудија Вебер-Геберт, дел од тимот на Рајнер и исто така инструкторка по нуркање, китот немал намера да го лапне нуркачот. Таа објаснува дека кога китовите излегуваат кон површината со отворена уста, не можат да видат што има непосредно пред нив. Инаку се многу чувствителни и доста свесни за својата околина (и тоа што плива околу нив). Таа уверува дека китовите не јадат луѓе и дека ова не било напад, ниту вина на китот. „Тие се нежни џинови, а ова беше само несреќа“, заклучува таа.
Несреќа што и те како ќе се раскажува, додава Рајнер. „Бев исплукан од кит. Кој друг може да се пофали со таква приказна?“, прашува тој.
За волја на вистината, со оглед на наведените карактеристики на китот, веројатно и вие би одбрале во ваква ситуација да ве лапне баш тоа животно. „Ако беше ајкула, ќе направеше двајца од мене и никогаш повеќе ништо немаше да видам“, вели Рајнер.