На 12 октомври во Белград на големата сцена Љуба Тадиќ при ЈДП (Југословенско драмско позориште) премиерно се изведе претставата „Машка солза“ во режија на Александар Поповски, со музика на Кирил Џајковски. Се работи за текст заснован на 4 едночинки и еден расказ од Антон Павлович Чехов во која главните улоги ги толкуваат Воин Четковиќ, Сања Марковиќ, Ненад Јездиќ, Зоран Цвијановиќ и др. Костимите се на Миа Поповска, а сценографијата на Вања Магиќ.
Одличниот прием и реакции на публиката беа потврда за уште една успешна соработка на Поповски и Џајковски, а оние кои ја пропуштија премиерата може да уживаат во претставата која се наоѓа на редовниот репертоар.
Оваа претстава е трета соработка на Кирил Џајковски со ЈДП и по првите реакции на претставата „Машка солза“ се очекува таа да го надмине успехот на „Хамлет“ која се смета за една од најуспешните претстави во Белград.
По повеќе од 20 заеднички претстави низ сите поголеми театарски куќи во Србија, Словенија, Хрватска, Италија, Австрија и др. а и по успешната премиера на претставата „Војна и мир“ во Истанбул минатата година, ова е уште една во низата соработки на истакнатите македонски режисер и композитор и уште една потврда за нашите уметници кои се успешни надвор од државата колку и кај нас.