Кире Велики со гол за победа во последната секунда (ВИДЕО)

Ракометната репрезентација на Македонија го почна Европското првенство во Австрија со победа, како што и посакуваше. Сепак, и покрај тоа што го имаше водството речиси во целиот натпревар, по серија грешки се доведе во ситуација во последните секунди од мечот резултатот да е изедначен 25-25. Тогаш нашиот најдобар стрелец Кире Лазаров, кому во Виена му поставија транспарент „Кирил Велики“, на свој грб ја зема целата одговорност и го постигна победничкиот гол од девет метри.

По натпреварот Лазаров истакна дека младите играчи во последните напади избегнувале одговорност. „Нема зошто да се плашиме, ова е спорт. Помладите играчи ако сакаат да напредуваат мора да преземат одговорност“, порача капитенот Лазаров.

И бекот Филип Талески истакна дека треба да се извлече поука од овој натпревар, во кој Македонија важеше за фаворит, и тоа да се поправи и да не се повтори во следните натпревари. „Педесет минути го имавме резултатот во наша корист, а на крајот моравме да решаваме во последните моменти и повторно Кире да нѐ спасува. Мораме да го поправиме тоа и да одиграме поконцентрирано“, рече тој.

Сепак, најважно е што Македонија победи, сложни се ракометарите.

„Некако во последно време ми оди во последни секунди да постигнувам голови. Во последните три до четири напади голманот на Украина имаше среќа. Имав неколку промашени шутеви, постоеше и нервоза, отидов на сѐ или ништо и излезе добро за Македонија“, вели Лазаров, кој се заблагодари на големата поддршка од целата земја. Најважното што треба да го постигнат, рече, е да ги оттргнат мислите на луѓето од пoлитикaта и да ја израдуваат и обединуваат нацијата.

 

- Реклама -