Кипар праќа два „ертрактори“ за гаснење на пожарите во Свети Николе и Чашка

Од кипарското Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина велат дека мисијата ќе учествува во гаснењето пожарите на територија на Република Северна Македонија пет дена

Два „ертактори“ со четири члена на екипажот со уште пет лица за копнена поддршка од Република Кипар ќе учествуваат во гаснењето на пожарите во Општините Свети Николе и Чашка, како дел од помошта за нашата држава од ЕУ-механизмот за цивилна заштита, информираат грчки медиуми.

Од Секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар велат дека по наредба на директорот на Секторот за шумарство Савва Иезекил и по консултација со надлежната министерка Мариа Панајоту, преку механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се испраќа помош за Република Северна Македонија за справување со шумските пожари во областите Чашка и Свети Николе. За ова е информиран и министерот за надворешни работи на Кипар, Константинос Комбос.

„Полетувањето на авионите е денеска од аеродромот во Пафос со пат кон Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ (со попатна станица на аеродромот Родос за полнење гориво). Мисијата се проценува дека ќе биде во Република Северна Македонија околу 17 часот. Мисијата ќе остане и ќе работи во Република Северна Македонија пет дена“,

велат од кипарското министерство.

Авионите, како што информира тамошното министерство, се опремени со соодветна опрема за полнење гориво и употреба на пена, како и со соодветна телекомуникациска опрема, односно за комуникација со Единицата за медиуми за летање во Ларнака, така и за пренос на информации и фотографски материјал.

Овие два авиони се приклучија на механизмот „RescEU“ од средината на јуни 2024 година и оваа е нивната прва мисија.

На почетокот на месецот по еден хеликоптер од Србија и Чешка, како и два „ертрактори“ од Германија беа вклучени во гаснењето на пожарите во земјава.

- Реклама -