Кинолошки спектакл во Мавровско, над 200 кучиња на Меѓународната CACIB 2024 изложба

Традиционалната Меѓународна изложба на кучиња Маврово CACIB 2024, која беше отворена попладнево на локација близу мавровско Ново Село и годинава собра голем број љубители на кучињата, одгледувачи и кинолози од земјава и странство. Настанот е своевиден спектакл со оглед на енергијата која ги спојува луѓето со „најдобриот пријател“ , размената на искуства околу грижата за кучињата, презентацијата на ретките раси, вештините кои животните ги покажуваат, посветеноста на сопствениците околу подготовките…

Настанот вклучува две интернационални и една национална изложба со над 200 кучиња, што го прави едно од најзначајните случувања во светот на кинологијата. Изложбата се одржува по 24-ти пат, а ја организира Кинолошкото друштво Скардус од Гостивар, во соработка со Кинолошкиот сојуз на Македонија.
„Ја продолжуваме традицијата. Овие изложби обично во последните неколу години се прават на вака убави терени. Многу се радуваме што времето нѐ послужи, сабајле беше малку врнежливо, но сега е во ред. Имаме излагачи од земјава и од странство, од 21 држава и има преку 200 кучиња во каталогот. На оваа изложба ќе судат интернационални судии, од Србија и од Македонија. Ова е интернационална изложба за сите видови раси, но интересно е да се спомене дека прв пат во Македонија може да се види тајландско куче, што е многу ретка раса, турски рт што е непризната раса, потоа македонскиот шарпланинец и куче од расата караман, наша македонска раса која е во тек на светско признавање.“, изјави за Gostivarpress.mk претседателот на Кинолошкото друштво Скардус и меѓународен судија, Миле Алексоски.

Освен од сите страни на Македонија, на изложбата има учесници од Норвешка, Унгарија, Украина, Естонија, Грција, Бугарија, сите балкански држави, а од Русија се донесени 15-тина кучиња.
Елона Тутуњик е дел од група излагачи од Украина кои во Македонија дошле со 11 расни кучиња.
„Јас сум од Харков, Украина. Патувавме над 2.000 километри за да учествуваме на оваа изложба во вашата земја, дојдовме со 11 кучиња во нашиот автобус. Многу ми се допаѓа вашата земја, инаку на изложба овде сме по втор пат, бевме и претходната година, многу ни се допадна и затоа учествуваме повторно“, рече Елона.
Сузана Вертан е од Финска, живее во Хрватска, а во Македонија го донесе реткото тајландско куче.
„Го уживам балканскиот живот и атмосфера. Овде дојдовме по изложбата во Црна Гора, а потоа продолжуваме во Косово. Многу ми се допаѓа Македонија и како македонските организатори го прават настанот. Возбудени сме да видиме што ќе се случи, затоа што имаме раси кои и не се така познати на Балканот, па ни во во Скандинавија. Во Европа има неколку стотина тајландски кучиња, но не се толку популарни за изложби, туку повеќе како кучиња чувари и го чуваат семејството, го чуваат од змии, шкорпии и сл. Со нас исто така, имаме и бразилски териер, сопственикот е од Финска, но ни го испрати кучето да го донесеме на изложбата“, кажа Вертан. 
Српско-Црногорска група на изложувачи се редовни учесници на Меѓународната изложба Маврово и се презадоволни од организацијата.
„Доѓаме на изложбата секоја година, да ги испочитуваме добрите домаќини организаторите, одлично се чувствуваме овде. Годинава како група донесовме 9 кучиња.“, рече во име на групата изложувачи Ивана Булатовиќ.
Меѓу учесниците на изложбата има и гостиварци.
Грижата и дресурата на кучињата бара исклучителна посветеност, а резултатите од сето тоа ќе ги пресечат судиите. Судии на годинешната изложба ќе бидат: Ѓорѓе Рељиќ, Владимир Михаљчиќ, Златко Јојкиќ сите од Србија, Мирослав Трајков, Драган Китановски, Горан Дојчиновски и делегатот Блажо Пончев сите од Македонија.
Настанот продолжува утре (недела, 4 август) наутро.

Извор