Научниците во Кина се пофалија со револуционерен напредок во потрагата по технологија за нуклеарна фузија (спојување), која би произведувала енергија на истиот начин како што тоа се одвива и во средишноста на Сонцето.
Во реакторот наречен EAST (Experimental Advanced Superconducting Tokamak), во внатрешноста на „вештачкото Сонце“ научниците успеале да загреат водород на температура повисока од 100 милиони степени Целзиусови, што е и точката кога се создава плазма.
Таквата температура на реакторот EAST е всушност речиси 7 пати повисока од таа во центарот на Сонцето (15 милиони Целзиусови), каде под притисок на гравитацијата се овозможува процесот на фузија. За да се произведе фузија – при која две јадра се „спојуваат“ и создаваат потешко јадро при што ослободуваат енергија – на Земјата се потребни екстремни температури. Самиот процес ослободува неверојатно многу топлина и енергија, што е и видливо со голо око секогаш кога ќе погледнете сјајна ѕвезда на ноќното небо.
Како што пишува „Big Think“, спротивно на фузијата е процесот на фисија, која е ланчана реакција во која се разбиваат јадрата на атомите. При нуклеарната фисија исто така се ослободува огромна количина енергија и истата, како што знаеме, моментално се користи за развој на нуклеарни оружја и нуклеарни електрани. Но, за разлика од фузијата, фисијата остава огромни количини радиоактивен отпад.
Токму тоа е една од главните причини зошто научниците ширум светот се надеваат и работат на изнаоѓање на безбеден и сигурен начин на произведување и создавање на услови потребни за нуклеарна фузија, која, барем во теорија, би можела еден ден да ја снабдува планетата со неограничена количина чиста енергија.
Успехот на проектот EAST, како што истакнуваат кинеските научници, е голем чекор кон таа цел. Меѓутоа, потребни се уште многу такви успеси и детални истражувања. Додека ова постигнување им дало прилика да видат како се однесува „вештачкото Сонце“ и кои се условите потребни за фузија, научниците исто така увиделе и колку малку знаат околу тоа како плазмата се однесува при такви температури. А тоа е само една од низата препреки со кои ќе се соочуваат научниците, и ние како човештво, на патот до чистата и неограничена енергија. Помеѓу другото, научниците ќе мораат и да пронајдат доволно гориво за да ги создадат таквите услови, и истовремено да обезбедат стабилност во реакторот, а потоа и целата таа комплицирана технологија да ја направат комерцијално исплатлива.
Повеќе технички детали во описот под самото YouTube видео во продолжение:
Мичио Каку за иднината на нуклеарната фузија, т.е. иднината со нуклеарна фузија: