Кинескиот милијардер Џек Ма смета дека треба да се работи по 12 часа, 6 дена во неделата

За да работите за Alibaba Group Holding морате да сте подготвени да работите 12 часа на ден, шест дена во неделата. Тоа милијардерот Џек Ма – сопственик на онлајн продажната платформа Alibaba (нарекуван кинескиот eBay), го бара од своите работници.

„Ако сакате да се придружите во Alibaba, подобро да сте подготвени да работите 12 часа на ден, инаку џабе да се мачите да се приклучите“, порачува тој до идните негови работници, откако на претходен внатрешен состанок порачал дека на компанијата не ѝ требаат луѓе кои планираат да работат типично канцелариско работно време од 8 часа.

Откако ваквите негови пораки беа објавена на друштвената мрежа Weibo и наидоа на остри реакции, предизвикувајќи ревносна дебата, милијардерот се обиде дополнително да ја оправда кинеската култура на прекувременото таканаречено „996 работење“ (од 9 наутро до 9 навечер, 6 дена во неделата), нарекувајќи го „огромен благослов“ за младите работници.

„Ако не работиш 996 кога си млад, тогаш кога ќе работиш 996?“, порачал Ма на WeChat. „Ако не работиш 996 во ова животно доба, мислиш дека ќе се чувствуваш горд? Во овој свет, секој еден човек се надева на успех, се надева на прекрасен живот и се надева дека ќе заслужи почит. Па, ве прашувам сите вас, ако не вложите повеќе време и труд од другите, како тогаш е можно да го реализирате успехот кој сакате да го постигнете?“, напишал Ма.

„Ако најдеме нешта што ги сакаме, 996 не е проблем. Ако не си ја сакате работата, секоја минута е тортура“, се надоврзал Ма на платформата Weibo.

Овие коментари на кинескиот милијардер (кој патем е пораснат во сиромашно семејство, нема академско образование, и кој за да ја реализира идејата за бизнисот позајмил пари од пријателите) доаѓаат во време кога во сè повеќе технолошки компании се очекува од вработените да поминуваат долги часови во канцеларија, особено во источните земји како Кина и Јапонија, каде напорното прекувремено работење е дел од културата. Меѓутоа, последниве години тоа резултира со сè почести случаи на cмpт од преработеност, па сè погласни се и критичарите на таквата култура.

Оттаму, разбирливо несогласни со Ма, некои корисници на друштвените мрежи се обидоа да му објаснат дека зборува за човечки суштества, а не за роботи, но и дека работењето 996 се коси со кинескиот закон за труд, кој предвидува дека просечното работно време не смее да надминува 40 работни часа неделно.

„Прекувремената работа треба да биде дополнително платена“, „Би сакала луѓето да се држат до законот, а не до своите сопствени убедувања“, „Шефовите работат 996 бидејќи работат за себе и нивното богатство расте“, се дел од коментарите.

„Дали некогаш си помислил на постарите дома на кои им треба грижа, или на децата на кои им треба друштво и родителска љубов? Ако сите компании воведат 996 распоред, никој ќе нема деца, поради немање време“, пишува друг корисник.

„Да се пропагира напорна работа и посветеност не значи да се присилува на прекувремено работење“, пишува кинескиот државен весник People’s Daily. „Задолжителното воведување на 996 културата не само што ја покажува ароганцијата на бизнис менаџерите, туку е и нефер и непрактично… Креирање на корпоративна култура со ‘охрабрено прекувремено работење’ не само што нема да му помогне на бизнисот во конкурентноста, туку може и да ја попречи и да ѝ наштети на способноста на компанијата да иновира“, заклучува весникот.

- Реклама -