Кинески весник објави листа на упатства во која ги советува жителите на Џилин, провинција која се наоѓа на границата со Северна Кореја, што да прават ако дојде до нуклеарен напад.
Во сторијата (на цела страна), весникот информира за ефектите од нуклеарното оружје и како да се заштитите (колку што е можно). Детално се опишува колку нуклеарното оружје е опасно и што може да се случи по експлозијата.
Под претпоставка дека се работи за стандардна нуклеарка детонирана на копно, нешто под 50% од енергијата на боевата глава ќе „замине“ во создавањето на смртоносната огнена топка и шок-брановите. Слична количина на енергија потоа ќе придонесе за создавање на интензивна термална радијација. Заедно, ова ќе создаде температура од 83.3 милиони степени Целзиусови!
Шансите некој да го преживее ова се… нула. Но ако се наоѓате доволно далеку од ударот, постои шанса дека ќе треба да се соочите „само“ со пулсот од јонизирачка радијација или второстепено радиоактивно загадување (радиоактивниот отпад).
Во таков случај, ако се најдете на отворено, весникот советува да се скриете во ров, јама или да скокнете во вода (река, езеро) ако тоа е можно. Ако немате таква среќа, треба да покриете колку можете повеќе од лицето. Во кола, патем не можете да се заштитите, колку и да сте слушале обратно.
Тие кои се во некаков објект, треба да се скријат во ќош или под маса или кревет, а откако ќе помине шок-бранот да ги затворат прозорите и вратите, за колку толку да спречат радиоактивниот прав да влезе во домот/објектот.
Во секој случај, потоа треба да ја соблечете сета облека што можете, добро да ги истриете чевлите, темелно да се истуширате и да ги исчистите ушите и носот. Досегашните сознанија велат дека отстранувањето на надворешните слоеви од облеката може да отстрани до 90% од радиоактивниот материјал што го имате на себе.
Исто така, граѓаните кои се најблиску до реоните каде што Северна Кореја најчесто тестира ракети, треба да пијат препарати со јод.