Ветеранот во италијанската фудбалска репрезентација, Џорџо Киелини, не може да поверува што ѝ се случи на неговата репрезентација на вечерашниот дуел со Македонија.
„Тешко е да се објасни. Огромно разочарување за нас. Одигравме добар натпревар, но не можевме да постигнеме гол. Од септември до денес направивме грешки и плативме за нив. Јасно е дека сме уништени и здробени, ќе остане голема празнина во нас. Имаме многу добри млади играчи и ќе се обидеме да одиме да го освоиме следното ЕУРО и да се пласираме на СП 2026. Вечерва не примивме ништо освен голот. Создадовме многу шанси, но за жал не успеавме да реализираме. Се надевам дека оваа празнина ќе ни даде поттик да започнеме повторно, сѐ уште се надевам затоа што Манчини се покажа како одличен тренер и може да ни помогне да се рестартираме“, истакна Киелини.
Вечерва во Палермо македонските фудбалери направија вистинска сензација победувајќи го актуелниот европски првак со 1:0 во полуфиналето од плејофот за Светското првенство 2022. Најголемата победа во историјата на македонскиот фудбал на стадионот „Ренцо Барбера“ ја донесе поранешниот играч на Палермо, Александар Трајковски во 92 минута.
Италијанците очекувано започнаа офанзивно, но нивната најголема шанса уследи по половина час игра по кардинална грешка на Димитриевски, кој му ја подари топката на работ на шеснаесетникот на Берарди, но во продолжение на акцијата со навремена интервенција го одбрани неговиот удар кон празната мрежа.
Од тој момент Италија жестоко нападна, но македонскиот состав успешно одолеа и во завршната минута од првото полувреме го имаше првиот и најсериозен обид за водство, кога ударот на Трајковски по проигрувањето од Барди беше скротен од Донарума.
Второто полувреме почна со три обиди на Берарди во воведните 12 минути, но првиот го одбрани Димитриевски, а вторите два завршија крај голот,
Македонија врати преку Трајковски по еден час игра, кога неговиот удар откосо од левата страна беше непрецизен.
Кога сè навестуваше дека мечот во Палермо ќе оди во продолженија, Трајковски со прецизен удар од дистанца во судиското продолжение го совлада немоќниот Донарума и донесе огромна радост за околу 1.500 македонски навивачи во Палермо.
Македонија е на чекор до историски пласман на Светското првенството, а за тоа ќе и биде потребна уште една гостинска победа на 29 март во Порто против Португалија, која вечерва во второто полуфинале од групата ја совлада Турција со 3-1.
МИА