Кичеец денеска три часа „загреваше терен“ за Јанева

Денеска во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за првпат на распит беше повикано лице со статус на осомничен во случајот „Рекет“.

Зоран Милески, викан Кичеец, второосомничен во случајот, бил донесен од истражниот затвор во Шутка околу 12 часот, а зградата на Обвинителството ја напуштил три часа подоцна, влегувајќи директно во затворското комбе, далеку од очите на новинарите.

Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот, не открива детали од распитот. Оттаму, во јавноста сè уште останува мистерија дали обвинителството воопшто има информации и каде завршиле милионот евра во готово, кои Кичеец на снимката објавена од „Ла Верита“ заедно со Боки 13 ги изнесува во торба „Луј Витон“ од домот на рекетираниот бизнисмен Орце Камчев.

Досега искази за „Рекет“ во улога на сведоци во обвинителството дадоа обвинителите од СЈО Лиле Стефанова, Бурим Рустеми и Елизабета Јосифоска, а денеска на распит беше повикана и пензионерката од Скопје на чија сметка легнаа 720.000 евра од битолски бизнисмен, пари кои, како што тврди, ѝ ги одзеле претставници од невладината „Меѓународен сојуз“ на Боки 13, веднаш по подигнувањето.

Оттаму, теренот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е одлично загреан за утрешниот распит на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, закажан за во 10 часот. Јанева исто така се слуша на снимките објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, во кои на Камчев му се обраќа со зборовите „Не се грижи, се ќе биде во ред“. Како што потврдија од Обвинителството пред некој ден, и Јанева ќе оди на распит со статус на сведок. Дали нејзиниот статус ќе биде сменет во осомничена, ќе покаже времето и истрагата.

 

- Реклама -