Кевин Харт – ако не најдобриот, тогаш најпопуларниот американски комичар во моментов, само пар денови по најавата дека ќе ги води Оскарите, реши да ја прескокне укажаната прилика и се откажа од тоа да биде домаќин на најпрестижната филмска манифестација.
Сé почна кога на виделина му извадија хомофобични твитови од пред 10 години. Многумина на тоа реагираа со апели до официјалните лица на американската Академија за филмски уметности и наука, која ги организира Оскарите, Харт да не биде домаќин.
Харт претходно изјави дека одамна посакува да ја води церемонијата на доделување Оскари, дека тоа е животна прилика за секој комичар, и дека неговата мајка е насмеана од уво до уво поради веста дека токму тој ќе биде домаќинот. Откако го нападнаа на друштвените мрежи, комичарот на Инстаграм им порача на следачите да „престанат да бараат причини да бидат лути“ и да намалат со негативната енергија и критиките.
Подоцна објави и видео во кое вели дека му се јавиле од Академијата и побарале да се извини, а ако не, ќе најдат друг домаќин на Оскарите: „Одлучив да го прескокнам тоа, го прескокнав извинувањето“, вели Харт, истакнувајќи дека со твитовите веќе се бавел во минатото и дека тоа е завршена приказна.
Во меѓувреме, сепак, Кевин Харт се извини на друштвените мрежи, порачувајќи дека еволуира и дека сега, кога има 40 години, е заљубен во човекот во кој се претворил:
„Искрено ѝ се извинувам на LGBTQ заедницата поради моите нечувствителни зборови во минатото“, објави на Твитер.