Дефинитивно е една од најфасцинантните структури што постои, но ете, истражувачите покажаа дека Кеопсовата пирамида од Гиза всушност е крива, благодарение на грешка од страна на градежниците од пред 4.500 години.
Се покажа дека западната страна е малку подолга од источната, што значи дека основата не е точен квадрат, иако изгледа токму како таков. Откритието е направено од Glen Dash Research Foundation и Ancient Egypt Research Associates (AERA), чии тимови ја проучувале величествената структура на пирамидата на Кеопс, со цел подобро да ги разберат нејзините оригинални пропорции.
Во времето кога пирамидите биле градени (пред околу 4.500 години, за време на владеењето на фараонот Кеопс), тие биле обложени со бел варовник. Низ годините, оваа надворешна обвивка била „излупена“ (најверојатно за потребите на други градежни проекти).
„Голем дел од бигорот бил тргнат низ вековите за да се користи одново за градежен материјал, оставајќи ги пирамидите да изгледаат такви какви што ги знаеме денес – без поголемиот дел од надворешната обвивка”, вели шефот на Research Foundation – Глен Даш.
За да разберат како Големата пирамида изгледала пред овој надворешен слој да исчезне, првиот чекор на истражувачите бил да ги најдат точките на пирамидата каде што камењата од „оклопот“ биле најверојатно позиционирани, барајќи „лузни“ и знаци на површината, и исражувајќи ја основата на која е изградена пирамидата. Тимовите нашле 84 такви точки, каде што биле оригиналните рабови.
Точките потоа биле пресликани на шаблон, кој им овозможува на научниците – со помош на техника наречена „линеарна регресија“ – да ги пресметаат должините на секоја од страните. Излезе дека некогаш страните биле 230,295 – 230,373 метри долги. Западната, пак, била долга 230,378 – 230,436 метри, т.е. 14,1 сантиметри подолга.
Иако ова е далеку од голема грешка и пирамидата воопшто не изгледа крива заради истата, тоа сепак значи дека некој пред многу години нешто има утнато. Без разлика, научниците уште се чудат како некој можел да дојде толку блиску до совршенство.
„Податоците покажуваат дека Египѓаните поседувале исклучителни вештини за тоа време. Можеме само да шпекулираме како тие успеале да ги постават овие линии со таква прецизност, користејќи ги само алатите што ги имале во тоа време“, вели Даш.
За да ги конструираат пирамидите, се претпоставува дека градежниците веројатно користеле некаков пирамидален дизајн на некаков шаблон, кој потоа го поставувале на земјата пред конструкцијата. Уште не се знае како тоа функционирало, ама тимот на Даш работи на тоа, како и на откривање и подобро разбирање на алатите и технологијата со која располагале древните Египќани.
Патем, тие не се единствените што откриваат нови нешта за пирамидите. Минатиот месец, италијанските истражувачи најдоа докази дека Тутанкамон бил закопан со нож направен од вселенско железо (дојдено на метеорит од вселената), а друг тим од универзитетот Каиро неодамна користеше муони (елементарни честици налик на електрони) од вселената за да ја скенира внатрешноста на пирамидата за прв пат, без да мораат да копаат низ ѕидовите.
Со сé поголемата софистицираност на скенирачките технологии и компјутерските модели, истражувачите ќе бидат во можност да извлечат сé повеќе информации околу тоа како и зошто биле градени овие древни структури, па слободно може да се рече дека археологијата ја чека светла иднина.